Од утре со работа почнува експозитурата на Алта банка во Трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром, каде што клиентите без платежни картички ќе може да извадат готовина
Клиентите на Алта банка АД Битола од денеска (10 ноември) ќе можат повторно да ги користат услугите на електронското мобилно банкарство согласно лимитот од 15 000 денари неделно за лицата кои имаат платежни картички, односно до 20 000 денари за две недели за граѓаните кои не поседуваат картички. Ова денеска го соопшти Народната банка, која во моментов има поставено привремена администрација во Алта банка.

„Лимитот се применува збирно за сите сметки во банката и ги опфаќа следниве канали – плаќање со картички во трговија или електронска трговија, повлекување готовина од банкомати, повлекување готовина на шалтер во експозитура, како и плаќања преку електронско и мобилно банкарство“,
информираат од Народната банка.
Како дополнително олеснување за клиентите, од Народната банка го посочуваат и реотворањето на една од експозитурите на Алта банка АД Битола во Скопје, која ќе почне со работа од утре. Станува збор за експозитутата во Трговскиот центар „Бисер“ на булевар „Јане Сандански“ број 1/1 во скопски Аеродром.
Во меѓувреме, со работа продолжуваат експозитурите на Алта банка во Битола, Струмица и Тетово.
Народната банка во саботата организираше автобуски превоз до филијалата на Алта банка во Битола за пензионери и приматели на социјална помош од Прилеп, Ресен и Охрид, кои не поседуваат платежни картички, а кои од шалтерите на банката можеа да ги извадат потребните средства.
