Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека најдоцна до февруари полициските возила со специјални камери ќе почнат да ја детектираат брзината на движење на другите возила, а нивното тестирање ќе започне во текот на наредниот месец. Во план е и набавка на дополнителни мобилни камери, кои ќе се поставуваат на критичните сообраќајни точки ширум државата, односно на места каде што се детектирани најмногу сообраќајни несреќи со смртни последици и тешко повредени лица
До февруари следната година, системот „Безбеден град“ за автоматско регистрирање сообраќајни прекршоци треба да биде проширен на целата територија на државата, а на сообраќајните „црни точки“ во државата МВР ќе постави и мобилни камери – изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Полициските возила опремени со камери за детектирање на брзината на движење на другите возила, како што рече Тошковски, се очекува да бидат функционални најдоцна до февруари следната година, а нивното тестирање ќе започне во текот на наредниот месец. Возилата ќе бидат опремени со камери што ќе можат да ја мерат брзината на другите возила и да детектираат прекршоци додека се во движење.
„Констатиравме дека колку и да поставуваме камери на конкретни локации, нема да може да делуваме соодветно превентивно на степен на кој сакаме да делуваме, сè до моментот додека секој оној што несоодветно управува со возило не е сигурен на која точна локација може да биде детектиран заради тоа што го крши законот. Предлогот што го добивме од експертите е во рамки на постоечките полициски возила што ги имаме да инсталираме камери што ќе може да ја детектираат брзината, а тие може да се постават од каде било, може во движење да констатираат управување со недозволена брзина од страна на учесници во сообраќајот“,
изјави Тошковски на денешната прес-конференција.
Во план е и набавка на дополнителни мобилни камери, кои ќе се поставуваат на критичните сообраќајни точки. Во моментов, вели Тошковски, се утврдуваат сите „црни точки“ во државата, односно местата каде што се детектирани најмногу сообраќајни несреќи со смртни последици и тешко повредени лица, не само цо централните градски подрачја, туку и на магистралните и експресните патишта.
Процесот на проширувањето на системот „Безбеден град“ во другите градови, според министерот, треба да заврши заклучно со февруари следната година, односно една година од официјалното воведување на системот. Примената на „Безбеден град“ во Струмица треба да започне во првата недела од декември, во Штип до крајот на годината, а потоа ќе се воведе и на територијата на Битола.
Тој дополнително информира дека МВР преку системот „Безбеден град“ до крајот на годинава ќе започне со констатирање на непрописното паркирање и застанување на возилата.
„Досега постоеше технички проблем при автоматското препознавање на неправилно паркираните возила во услови на густи сообраќајни метежи, поради што системот не можеше секогаш прецизно да направи разлика меѓу застој предизвикан од сообраќајна гужва и реален прекршок. До крајот на годинава ќе почнеме да ги констатираме погрешното паркирање и запирање на возила“,
дополни Тошковски.
Министерот рече дека бројот на загинати во сообраќајни несреќи од воведувањето на системот „Безбеден град“ е намален за околу 29 проценти во споредба со претходните две години. Во периодот од јануари до октомври годинава, како што рече, бројот на загинати во сообраќајни несреќи изнесува 85 лица, наспроти 117 во истиот период лани и 119 во 2024 година.
