Во фокус на разговорите со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како што соопшти премиерот на Фејсбук, биле европската перспектива и важноста од продолжување на реформските процеси согласно европските стандарди. На средбата со премиерот на Косово, Албин Курти, пак, било разговарано за унапредување на добрососедските односи, регионалната соработка и заедничките предизвици и можности за развој на двете земји
Премиерот Христијан Мицкоски објави дека на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк денеска остварил средби со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, и со косовскиот премиер Албин Курти.

Во фокус на разговорите со хрватскиот премиер Пленковиќ, како што соопшти Мицкоски на Фејсбук, биле европската перспектива и важноста од продолжување на реформските процеси согласно европските стандарди. Го нагласиле и унапредувањето на добрососедските односи и регионалната соработка.
„Продолжуваме со отворен и конструктивен дијалог со нашите европски партнери, во насока на градење посилна, стабилна и просперитетна иднина за граѓаните“,
порача Мицкоски по средбата со премиерот на Хрватска.
На средбата со премиерот на Косово, Албин Курти, пак, било разговарано за унапредување на добрососедските односи, регионалната соработка и заедничките предизвици и можности за развој на двете земји.

Мицкоски објави дека во Њујорк учествувал и на панел-дискусија на високо ниво, чиј домаќин бил претседателот на Финска, Александар Стуб. Се разговарало за важноста на мирот, дијалогот, одговорното лидерство и улогата на државите и меѓународните институции во справувањето со глобалните предизвици.
„Воедно, остварив средба и разговор со претседателот Стуб, на која го истакнавме значењето на почитувањето на меѓународното право, силната мултилатерална соработка и потребата од градење стабилна и безбедна Европа“,
напиша премиерот на Фејсбук додавајќи дека земјава останува посветен партнер во напорите за мир, стабилност и соработка.
