„Разговаравме за потенцијални инвестиции, проширување на инвестициските планови и ставање на располагање на расположливите ресурси“, соопшти тој за деталите од средбата
Премиерот Христијан Мицкоски, во рамки на посетата на Соединетите Американски Држави (САД) се сретна со претставници на американската воена индустрија, како и со официјални претставници на американската администрација задолжени за оваа област.

Како и за сите претходни средби и за оваа информираше на неговите профили на социјалните мрежи.
„Разговаравме за потенцијални инвестиции, проширување на инвестициските планови и ставање на располагање на расположливите ресурси. Нашата цел е преку сериозни и долгорочни партнерства да отвораме нови можности за инвестиции, технолошки развој и јакнење на домашните капацитети“,
напиша тој на Фејсбук.
Според него, Македонија има потенцијал, ресурси и стратешка позиција кои можат да бидат основа за продлабочување на соработката со САД, во интерес на економскиот развој, безбедноста и стабилноста.
Претходно, Мицкоски оствари официјална средба со заменик-државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Кристофер Ландау, на која присуствувале и Брендан Харнахан, помошник-државен секретар за Европа и Даниел Лотон, заменик-помошник државен секретар за Европа, во чиј непосреден ресор спаѓаат и балканските држави.
„Ваквите средби се можност нашите позиции да бидат претставени и македонските интереси да бидат слушнати таму каде што се разговара за важни регионални и глобални прашања“,
вели тој.
Премиерот објави фотографии од средба со државниот секретар Марко Рубио, што според него претставува важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник.
