Тој додаде дека македонскиот клуб во Бугарија е одлична можност државниот врв да се обедини и заедно со него да дојде в недела во Благоевград
Во недела во Благоевград ќе се отвори македонски културен центар што го носи името на историски лик кој што обединува, за разлика од имињата на бугарските културни центри со имиња на докажани бигарски фашистички соработници, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за а1.он.

Тој додаде дека македонскиот клуб во Бугарија е одлична можност државниот врв да се обедини и заедно со него да дојде в недела во Благоевград.
„Не може Бугарија ова да го сфати како провокација бидејќи ние не отвораме културен македонски центар кој што има име на докажан фашистички соработник. Македонскиот народ е антифашистички и така ја создал својата држава на основа на борба против фашизмот. И тие две работи не може една со друга да се спојат“,
вели лидерот на опозициската партија во интервјуто.
Според него, ние не го негираме идентитетот на Бугарите, туку дека тие го негираат нашиот и тука има суштинска разлика.
„Да го негиравме ние идентитетот на Бугарите и да велевме тие се Македонци и така натаму, тогаш можеби и би имало некаков знак на равенство. Но, ние едноставно одиме да си ги поддржиме нашите луѓе, да им подадеме рака и да им кажеме не сте сами луѓе, ние сме заедно со вас, без било каков обид за мешање во внатрешните работи кај нашиот источен сосед. Едноставно да го испочитуваме нашето, а така го почитуваме и туѓото“,
вели Мицкоски.
На отворањето нема да присуствува премиерот Димитар Ковачевски, како ниту претставници на бугарската влада иако добиле покани. На него ќе присуствува делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, а присуство најави и партијата Левица.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите рече дека нема да оди на отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград од истите причини поради кои не отишол и на отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.
Според него, отворањето на клубовите не е во функција на добрососедството меѓу двете земји.
„Кога дознав кој го финансира клубот, сè ми беше јасно. Ако им ги видите позициите кон државата и стратешките позиции, не очекувам овој клуб да биде во функција на интересите на граѓаните и на државите. Не ми се допаѓа оваа тенденција да се злоупотребува оваа ситуација за политички агенди и тоа не е патот што треба да го одиме. Не можеме да дозволиме некој да ни ја киднапира агендата гледајќи го позиционирањето на тие што стојат зад тоа. Го гледам ова од перспектива на државен интерес и од перспектива на меѓудржавните односи. Тој настан ќе ги задоволи чувствата да возвратиме, но тоа ќе трае кратко. Поставувањето на камен темелникот за железницата е поважен од натпреварот со отворање на клубовите“,
рече Османи.
По ова стигна реација од „ОМО Илинден Пирин“ од каде велат дека е срамота шефот на македонската дипломатија да проверува што граѓани на друга земја прават во својата земја и што граѓани на трета земја финансираат.
Во отворената порака до Османи, објавена на својата фејсбук-страница, од „ОМО Илинден Пирин“ велат дека никој не крие кој стои зад отворањето на клубот во Благоевград.
Како што објави вчера „360 степени“, клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград го финансира и антиамериканска и анти-ЕУ организација на Македонци од дијаспората.