Премиерот изјави дека власта останува посветена на економската активност, додека политичките опоненти ја губат довербата поради потценување на народот и нерасчистените скандали од минатото

Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Велес, премиерот Христијан Мицкоски рече дека позитивните оценки за македонската економија од реномираните меѓународни институции ги демантираат наводите на опозицијата за наводен банкрот на државата. Во таа насока, вели оти потврдувањето на кредитниот рејтинг од страна на „Фич“ е уште една лоша вест за опозицијата којашто тажи и жали зашто Македонија оди напред.
„Три години водат кампања дека секоја година само што не сме банкротирале, буџетот бил без пари, економијата назадувала и така натаму. Одговорите стигаат од сите страни, од Светска банка, од Меѓународниот монетарен фонд, еве и од сега од реномирани кредитни агенции како што е Фич“,
рече Мицкоски.
Според него, Владата продолжува да работи на подобрување на животниот стандард преку засилена економска активност, додека критиките од политичките опоненти ги смета само за очаен политички маркетинг базиран на кратка меморија кај граѓаните.
„Како Влада остануваме максимално посветени на подобрување на стандардот на граѓаните. Тоа е наша цел и тоа ќе го правиме преку сериозно засилена економска активност. Тоа што го прави опозицијата јас го анализирам и го ставам во делот на политички ПР. Немаат но немаат кредибилитет бидејќи седум години го крадеа народот, ја распродаваа Македонија, ја понижуваа, ја омаловажуваа Македонија и они мислат дека тоа сега преку ноќ некој ќе им го заборави. Мислам дека повторно го потценуваат сопствениот народ и играат на картата на кратка меморија“,
изјави тој.
Мицкоски признава дека моменталната состојба во државата не е идеална и дека има простор за поправање на одредени недостатоци, но децидно нагласува дека сликата на улиците и во институциите е драстично поразлична и побезбедна во споредба со периодот на претходната Влада.
„Но сите ќе се сложите дека денеска е многу подобро од пред три години. Нема банди, нема фудбалчиња, нема рекетирање, нема криминалци коишто царуваат по улиците, нема марихуана економија, нема распродавање на националноте интереси. Сѐ тоа е многу поразлично од тоа коешто се случуваше кога беше претходната Влада на СДСМ. Имавме 35-годишнина од одбележување на независност коешто, ќе се сложите, беше многу поразлично од она во 2020-тата кога живи луѓе гореа во модуларната болница во Тетово. Тоа е разликата“,
заклучи тој.
