Од опозициската партија ги обвинуваат премиерот и Владата дека иако знаеле дека цената на дизелот ќе се зголемува, чекале до последен момент да донесат мерка, која, според социјалдемократите, е само половична
По најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека денеска на владина седница ќе се донесе одлука за намалување на ДДВ за дизел горивото од 18 на 10 осто, со остра реакција се јави опозицискиот СДСМ, од каде велат дека ваквата мерка е задоцнета и недоволна за ублажување на растот на цените на горивата.

Ставот на социјалдемократите е дека ДДВ на горивата треба да се намали на пет проценти, а акцизата да се укине.
„СДСМ уште на почетокот на кризата бараше конкретни мерки – ДДВ на горивата да падне на 5 проценти, акцизата да се укине веднаш, ДДВ на основната храна да се симне на нула. Владата не мрдна. Ги пушти цените да побеснеат. Го гледаа народот како полни резервоар на рати и купува половина корпа“,
се вели во соопштението од Бихаќка.
Според опозициската партија, премиерот денеска и самиот признал дека цената на горивата што ја плаќаат граѓаните на земјава не е ниска, а оправдувањето што го понудил е дека, сепак, таа е пониска од онаа во државите од регионот. Дополнително, од партијата ги обвинуваат премиерот и Владата дека иако знаеле дека цената на дизелот ќе се зголемува, чекале до последен момент да донесат мерка, која, според социјалдемократите, е само половична и недоволна.
„Тоа е целата филозофија на ВМРО-ОКГ. Не да живееш достоинствено, туку да те тешат дека некој друг плаќа уште повеќе. Како да му кажеш на човек без леб дека во друга држава лебот е поскап. Горивото не е луксуз. Горивото е превоз до работа, леб до продавница, стока до пазар, плата што се топи пред да стигне дома. Кога дизелот лета, лета сè. Тие тоа го знаеа. Чекаа“,
велат од СДСМ.
Од опозициската партија го коментираат и делот од изјавата на Мицкоски дека намалувањето на ДДВ за дизелот ќе има импликации врз државниот буџет. Велат дека откако буџетот го потрошиле „на спектакли, криминални тендери и Лотарија“, сега Мицкоски и Владата „се прават сиромашни кога треба да се симне данокот што го јаде народот секој ден.
„СДСМ не бара од арамијата да глуми социјала. Бараше да ја примени мерката кога требаше – на почеток. Не откако цените го скршија стандардот. Намалување од 18 на 10, по месеци тивко гледање, не е политика. Тоа е признание дека доцнат. И дека доцнат намерно“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз.

На критиките од СДСМ, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговорија со контраобвинувања, велејќи дека нивниот политички опонент додека бил на власт профитирал од тогашните кризи. Оттаму наведуваат дека кога СДСМ нема што да понуди му останува само да критикува, па дури и кога станува збор за конкретни мерки за заштита на стандардот на граѓаните, како што е тоа случај намалувањето на ДДВ за дизелот.
„СДС седум години го крадеа народот, ја распродаваа и омаловажуваа државата и ги понижуваа граѓаните. СДС и (Венко) Филипче во време на криза профитираа за денес да се луксузираат на јахтите со (Зоран) Заев по Егејот. За разлика од СДС и ДУИ денес нема фудбалчиња по канцеларии, нема банди по улиците, нема марихуана економија, нема распродавање на државните интереси. Денес Владата се грижи за животниот стандард на граѓаните и презема конкретни мерки“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија повторуваат дека мерки за горивата веќе има, односно намалени се акцизите, а, велат, ќе се донесат и нови со кои наместо зголемување, ќе има намалување на нивната цена.
