Повластената даночна стапка ќе важи од 15 до 28 септември, со цел да се заштити стандардот на граѓаните и стопанството во услови на можни нарушувања со снабдувањето на нафта

На попладневната седница, Владата донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за дизел-горивото од 18 на 10 проценти. Како што информираат од владината прес-служба, оваа интервенција се презема со цел да се амортизира ценовниот удар врз граѓаните и бизнис-секторот во период на кризна состојба, која произлегува од можноста за нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати, а врз основа на владините пресметки, намалувањето на даночната стапка значително ќе го ублажи најавениот раст на малопродажните цени.
„Кај нафтата, наместо редовното очекувано зголемување од околу 5 денари, со оваа мерка се очекува намалување од околу 2 денари. Тоа значи вкупно ублажување на ценовниот удар од околу 7 денари, при што новата цена би изнесувала околу 99 денари за литар. Кај бензините, согласно пресметките, се очекува зголемување од околу 3,5 денари, што значи дека новата цена би изнесувала околу 100,5 денари за литар за бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, односно 102,5 денари за литар за бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98“,
велат оттаму.
Оваа повластена даночна стапка е од привремен карактер. Според одлуката, истата ќе почне да се применува од полноќ на 15 септември и ќе има рок на важност до 28 септември. Оправдувајќи ја потребата за ваквиот чекор, во владиното соопштение се наведува и оти се презема конкретна и навремена мерка за заштита на животниот стандард на граѓаните, намалување на финансискиот товар и поддршка на стопанството во услови на кризна состојба.
