Министерката за финансии вели дека забрзаниот раст од 4,3 отсто во вториот квартал, зголемените инвестиции и намалувањето на јавниот долг ја отсликуваат стабилноста на јавните финансии
Потврдувањето на кредитниот рејтинг на државата од страна на агенцијата „Фич“ претставува силна потврда за конзистентноста на владините политики и јасен сигнал за продолжување по истиот пат, напиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на социјалните мрежи, посочувајќи дека основата на креираната економска политика се темели токму на стабилноста на јавните финансии и поттикнувањето на економскиот раст. Според неа, ефектите од овие заложби се јасно видливи низ конкретните економски показатели кои претставуваат главен фактор за задржување на рејтингот.

Во однос на бројките кои ја отсликуваат фактичката состојба, министерката вели дека за разлика од економскиот раст од 1,6 отсто во првиот квартал од 2024 година, донесените одлуки во меѓувреме резултирале со континуирани стапки околу и над 3 отсто, достигнувајќи 4,3 отсто во вториот квартал од 2026 година. Основа за ваквиот континуитет на позитивни економски движења се инвестициите кои само во вториот квартал годинава бележат раст од 16,5 отсто.
„Тоа е особено важно затоа што покажува каков економски модел сакаме. Модел во кој инвестициите имаат поголема улога во создавањето на растот. Зад ова стојат забрзаната реализација на големите капитални и инфраструктурни проекти, проекти во општините за локален економски развој, но и инвестициската активност на домашниот приватен сектор. Градежништвото бележи раст од 21,9%, индустријата 3,9%, а преработувачката индустрија 4,1%. Услужниот сектор расте за 2,4%, со позитивни движења во повеќе дејности. Во вториот квартал извозот на стоки и услуги реално расте за 10,4%“,
напиша таа.
Паралелно, вели, со инвестицискиот циклус, Владата применува сериозен и внимателен пристап во управувањето со јавните финансии преку балансирање меѓу развојот и фискалната консолидација, а резултат на тоа е континуираното намалување на јавниот долг, кој на крајот на вториот квартал од 2026 година изнесува 58,8 отсто од БДП, односно 10,726 милијарди евра, што претставува пад од 2,6 процентни поени во однос на крајот на 2024 година. Министерката кажа и дека Владата навремено менаџира со старите долгови, посочувајќи дека само од втората половина на 2024 година до денес се сервисирани обврски во вкупен износ од над 4,5 милијарди евра.
„Држава која не ги сервисира своите обврски плаќа многу повисока цена преку повисоки камати, нарушен кредитен рејтинг и поскапо финансирање за целата економија, затоа остануваме на определбата да балансираме помеѓу инвестициите, фискалната консолидација и навремено обезбедување средства за сервисирање на обврските. Нашата определба за фискална консолидација е јасна и таа останува непроменета. Но, консолидацијата мора да биде постепена, кредибилна и усогласена со економскиот циклус“,
заклучува Димитриеска-Кочоска.
