„Ценам дека самата транспарентност ќе ја поттикне отчетноста, одговорноста, ефикасноста на јавните обвинители во нивната работа и секако тоа ќе ја подобри самата доверба во јавноста. И ценам дека јавното обвинителство треба да го заслужи местото да биде навистина единствениот орган којшто се бори против корупцијата. И ценам дека ова што го ветувам и дека ќе го исполнам“, рече Коцевски пред медиумите по свечената изјава во Собранието
Новиот државен јавен обвинител, Љупчо Коцевски, откако пред два дена беше именуван на една од најважните функции во државата, денеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Јован Митрески.

„Изјавувам и се колнам дека во вршењето на функцијата јавен обвинител ќе го почитувам Уставот на Република Северна Македонија, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Дека функцијата ќе ja вршам совесно, непристрасно и одговорно и дека ќе ги заштитувам слободите и правата на човекот и граѓанинот и интересите на другите правни субјекти“,
гласеше изјавата што првин ја изговори, а потоа и потпиша сега веќе актуелниот шеф на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Во изјава за медиумите, по свечениот чин, Коцевски рече дека станува збор за многу тешка и одговорна работа пред која стојат многу предизвици, но, со неговото долгогодишно искуство и знаење, како што додаде, цени дека може да одговори на функцијата што ќе ја извршува.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кои ќе бидат неговите први активности со стапувањето на функцијата, новиот јавен обвинител како едно од основните начела ја истакна транспарентноста.
„Ценам дека самата транспарентност ќе ја поттикне отчетноста, одговорноста, ефикасноста на јавните обвинители во нивната работа и секако тоа ќе ја подобри самата доверба во јавноста. И ценам дека јавното обвинителство треба да го заслужи местото да биде навистина единствениот орган којшто се бори против корупцијата. И ценам дека ова што го ветувам и дека ќе го исполнам“,
рече Коцевски.
Говорејќи во таа насока, тој рече оти изјавува пред јавноста дека Јавното обвинителство, а и тој ќе бидат отворени за јавноста и во секое време достапни за информации кои се однесуваат на предмети што се во нејзин интерес.

Со 62 гласа „за“ Собранието во вторникот во рамките на 140. пленарна седница го именуваше Коцевски за јавен обвинител на Република Северна Македонија.
Коцевски на функцијата државен јавен обвинител доаѓа на местото на Љубомир Јовески, чиј шестгодишен мандат истече на 25 декември лани.
Додека траеше постапката за избор на нов јавен обвинител, за вршител на должност на функцијата од страна на Советот на јавни обвинители беше избрана обвинителката Соња Симовска.
Коцевски на високата функција државен јавен обвинител доаѓа од позицијата обвинител во републичкото јавно обвинителство. Како конкуренција, во постапката за избор, која тргна со распишување на оглас од страна на Собранието, имаше две свои колешки – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.
Тој остана сам во трката откако Советот на јавни обвинители едногласно ја поддржа само неговата кандидатура. Раичевиќ не доби позитивно мислење, додека за Фатиме Фетаи не се расправаше поради нецелосна документација.
Од тројцата кандидати за функцијата државен јавен обвинител, Љупчо Коцевски ѝ беше најмалку познат на јавноста во споредба со двете негови колешки кои се пријавија на огласот.
Тој почнал да работи како адвокат, дејност во која се задржал 16 години. Во 2008 година бил избран за виш јавен обвинител во Гостивар. Пред нешто повеќе од една година е унапреден и станува дел од републичкото јавно обвинителство, па така станува еден од десеттемина обвинители во оваа институција.
Во својата професионална кариера, според достапните информации, тој бил дел и од Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители, како и член на дисциплинската комисија во Јавното обвинителство.