„Еве, ќе ја искористам приликата да кажам дека мојата баба има 95 години и сè уште е жива. Ако чекаше од вториот столб, ќе умреше за јадење. Такви се пресметките“, рече министерката за финансии и ги повика младите осигуреници да направат сопствени пресметки дали вториот пензиски столб ги исполнува нивните очекувања и дали средствата што ги издвојуваат ќе им обезбедат задоволителна пензија. Во пресметките, според неа, треба да се земе предвид и неизвесноста околу животниот век
Се прават сите анализи и се разгледуваат сите опции за иднината на вториот пензински столб – изјави денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, откако на прес-конференција во Владата го претстави предлог-буџетот за 2027 година. Таа вели дека со помош на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе бидат разгледани сите опции, како и практиките во другите земји каде што во минатото постоел втор пензиски столб.

Министерката за финансии посочи дека земјава е единствена која од воведувањето на вториот пензиски столб во 2000 година досега нема направено никаква промена, а тоа, како што рече, било дискутирано и со претставници на Светската банка и на ММФ, на кои им била објаснета основната замисла на вториот столб – приносот од вложените пензиски средства да биде повисок од стапката на раст на економијата. Во овој момент, додава Димитриеска-Кочоска, растот на економијата е повисок од остварениот принос, кој е некаде околу 2 отсто.
„Сето тоа беше објаснето. Во ММФ привлековме големо внимание, имавме средба со заменикот на претседателката на ММФ, кој рече дека дополнително ќе направат анализи на тоа што се случува во Македонија. Сега во ноември имаме мисија на ММФ и врз основа на тоа дури и рече дека ќе го искористи како студија на случај за настани што ги организираат во Шангај, каде што ќе зборуваат исклучиво за пензиските фондови“,
рече министерката за финансии на денешната прес-конференција.
Како примери за различни пристапи во други држави ги наведе национализацијата на вториот столб и привременото запирање на трансферите за време на ковид-кризата. Додаде дека во моментов се разгледуваат различни можни модели, но нагласи дека за 2027 година не се предвидени промени, па трансферите кон вториот пензиски столб ќе продолжат согласно постојното законско решение и се обезбедени со буџетот.
Министерката ги повика младите осигуреници да направат сопствени пресметки и да проверат дали вториот пензиски столб ги исполнува нивните очекувања и дали средствата што ги издвојуваат ќе им обезбедат задоволителна пензија. Во пресметките, според неа, треба да се земе предвид и неизвесноста околу животниот век.
„Ќе ја искористам приликата да кажам дека мојата баба има 95 години и сè уште е жива. Ако чекаше од вториот столб, ќе умреше за јадење. Такви се пресметките. Тоа е факт, затоа што вториот столб вам ќе ви ги даде само вашите пари што се заштедени. Коментарите дека ќе банкротира пензискиот фонд, мислам дека паѓаат во вода затоа што две третини од пензијата која ќе ја оствариме во иднина ќе доаѓа од државниот фонд, а една третина од вториот столб. Таа една третина ќе доаѓа толкав период колку што ние кога ќе се пензионираме ќе му кажеме на пензиското друштво, на пример во следните 5 години, по што така ќе ни ги исплаќаат средствата. Што после тие пет години, значи ние остануваме понатаму да чекаме пензија од државниот пензиски фонд. И ако мислиме дека ќе пропадне, тогаш од старт значи да очекуваме дека ние нема да може да преживееме и да се прехраниме. Затоа не смееме да размислуваме така, туку напротив, дека треба да гледаме како да го стабилизираме фондот“,
изјави Димитриеска-Кочоска.
На оваа тема претходно денеска се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека Владата, меѓу другото, разгледува реформа – вториот столб веќе да не биде задолжителен, туку граѓаните сами да одлучуваат дали дел од придонесите ќе ги доверат на вториот столб или не.
