Сега предлогот на Советот со позитивно мислење за кандидатот оди до Владата, која потоа до Собранието предлага еден кандидат што добил позитивно мислење. За да биде избран нов државен обвинител, треба пратеничка поддршка од 61 пратеник
Јавниот обвинител го именува Собранието со мандат од шест години и за својата и работата на Јавното обвинителството на Република Северна Македонија одговара пред Собранието
Личност со интегритет, етичност и стручност во професијата. Има добри менаџерски и организациски способности. Вака дел од колегите го опишаа Љупчо Коцевски, обвинител во Републичкото обвинителство, кој остана единствениот кандидат во трката за нов државен јавен обвинител.
Советот на јавни обвинители вчера едногласно даде позитивно мислење единствено за него.
Сега предлогот на Советот со позитивно мислење за кандидатот оди до Владата, која потоа до Собранието предлага еден кандидат што добил позитивно мислење.
За да биде избран нов државен обвинител, треба пратеничка поддршка од 61 пратеник.
Јавниот обвинител го именува Собранието со мандат од шест години и за својата и работата на Јавното обвинителството на Република Северна Македонија одговара пред Собранието.
Доколку Коцевски не добие неопходно мнозинство, тогаш постапката се повторува и се распишува нов оглас.
За потсетување, огласот на кој се пријави Љупчо Коцевски, заедно со Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје, беше објавен на 29 ноември годинава од Собранието, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.
Познат за колегите, но не и за пошироката јавност
Кандидатот Коцевски е име непознато за пошироката јавност, но е познат меѓу своите колеги.
Она што е познато за него е дека е обвинител со долгогодишна кариера во професијата. Почнал да работи како адвокат и таму се задржат 16 години. Во 2008 година бил избран за виш јавен обвинител во Гостивар. Пред нешто повеќе од една година е унапреден и станува дел од републичкото Јавно обвинителство, па така станува еден од десеттемина обвинители во оваа институција.
Она што може да се најде како информација за професионалната кариера за Коцевски е и тоа дека бил дел и од Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители, како и член на дисциплинската комисија во Јавното обвинителство.
Коректен и стабилен со менаџерски способности
Ковачевски доби силна поддршка од членовите на Советот на јавни обвинители. За него имаа само пофални зборови, оценувајќи го позитивно неговиот професионален ангажман, како и неговиот однос кон колегите, велејќи дека е коректен со сите вработени и може да ги сплотува состојбите во Обвинителството.
Според нив, тој е добро запознаен со динамиката во Јавното обвинителство.
Претседателката на Советот, Димитриеска, рече дека се работи за личност со интегритетот, етичност и стручност за функцијата што ја извршува.
„Коцевски е јавен обвинител што гради добри односи со колегите и има добри организаторски способности, сметам дека ги исполнува сите услови и успешно ќе ја извршува функцијата“,
рече таа.
Членот на Советот, Изет Мемети посочи дека Советот во сегашниот состав пред една година го избрал Коцевски за јавен обвинител во ЈОРСМ.
„Не случајно како Совет го избравме за јавен обвинител. Мислам дека се работи за најсериозен кандидат, треба да добие позитивно мислење и посакувам да биде избран, од причина, што мислам дека може да се носи со функцијата и дека може да ги сплотува состојбите во Обвинителството и тоа да може да работи“,
изјави Мемети.
Членот на Советот, Антонио Јолевски, за Коцевски рече дека покрај стручниот дел, се цени и делот на менаџерски и организациски способности.
„Таму ни треба комплетна личност што ќе може да одговори и Љупчо Коцевски ги има поминато сите хиерархиски позиции и има добро познавање на состојбите. Мислам дека има коректен однос со сите вработени, што сметам дека е многу важно. Ќе го поддржам и мислам дека овој кандидат заслужува да биде избран“,
изјави Јолевски.
Влатко Георгиевски, член на Советот, рече дека Коцевски, освен што ги извршува редовните обвинителски функции, е раководител и на одделение за метаподатоци, што е исклучително тешка и одговорна работа, и е претседател на дисциплинска комисија, и сето тоа зборува дека поседува извонредни организаторски способности за да биде успешен.
„Од овие причини ќе го поддржам“,
изјави Георгиевски.
На огласот за нов државен јавен обвинител пријавени беа тројца кандидати, како Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје, и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.
Според Законот за јавно обвинителство, за јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право. Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата, со мандат од шест години и право на повторно именување.
На актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески мандатот му заврши на 25 декември, а Советот на ЈО на седница минатата недела ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на должноста до завршување на изборот.