Упати критики на измените на Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка донесени во времето на владата на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ги тогашните власти дека ги злоупотребиле европското знаме и скратената постапка за нивното усвојување. Целта, како што рече, била да се овозможи амнестија за лица за кои постојат сомневања за криминал, но и да се обезбеди политичка поддршка за уставните измени
Премиерот Христијан Мицкоски денеска информира дека Владата до Европската комисија ги испратила предлог-измените на Кривичниот законик и на Законот за кривичната постапка, а по добивањето на мислењето од Брисел ќе следува внатрешна дебата, по што ќе започне и собраниската процедура.
Одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на детската градинка во Инџиково во Општина Гази Баба, за тоа што очекува од новото законско решение во поглед на борбата против корупцијата, особено во делот на кривичните дела од областа на високата корупција, Мицкоски рече дека измените ќе се однесуваат на идните случаи и нема да важат ретроактивно.

Упати критики на измените на Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка донесени во времето на владата на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ги тогашните власти дека ги злоупотребиле европското знаме и скратената постапка за нивното усвојување.
„Во суштина, ние испративме во Брисел два закони. Едниот е Кривичниот законик, а другиот е Законот за кривичната постапка, или КЗ и ЗКП, како што популарно ги нарекуваат правниците. Тоа се закони што во времето на владата на СДСМ и ДУИ добија поинаква форма и суштина. И се сеќавате, тогаш тие, злоупотребувајќи го европското знаме, по скратена постапка во парламентот, ги изгласаа овие закони“,
рече тој.
Според Мицкоски, целта била да се овозможи амнестија за лица за кои постојат сомневања за криминал, но и да се обезбеди политичка поддршка за уставните измени.
„Имаа двојна цел, првично да се себеамнестираат од сторените криминали за кои постојат основани сомненија додека тие беа влада во тие седум години. И, второ, мислеа дека на тој начин на некои поранешни структури од ВМРО-ДПМНЕ ќе им овозможат политичка амнестија за да потоа тие им помогнат во намерата да се случат уставните измени како резултат на францускиот предлог. Тоа беше тогашната намера на тие измени во КЗ и ЗКП“,
вели Мицкоски.
Посочи дека актуелните законски измени нема да овозможат ретроактивно гонење за делата за кои веќе постојат основани сомневања дека биле сторени во периодот на претходната влада бидејќи, како што вели, за нив може да се примени поблагиот закон, односно законското решение што било донесено во тој период.
„Со ова што ние го правиме, тоа не значи дека оние основани сомневања што постојат за сторен криминал од претходната влада ќе бидат гонети, бидејќи тие секогаш имаат можност да се повикаат за нив поповолното право. Во случајот тоа е оној закон што си го скроија за да се амнестираат. Овие измени што сега ги носиме ќе важат од нивното донесување натаму. И секогаш кога ќе слушнете од ДУИ и од СДСМ дека ви зборуваат за борба против криминал и владеење на правото, тогаш треба да се сетите дека токму тие се оние што го нанесуваат фаталниот удар на владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата“,
кажа премиерот.
Најави дека Владата очекува мислење од Европската комисија, по што ќе биде отворена дебата во земјава.
Во подготовката на законите, како што рече, биле ангажирани и експерти од областа на кривичното право од Брисел, а по добивањето на повратните информации ќе следува собраниската постапка.
Ново кривично дело за загрозување на банкарскиот сектор
Во однос на најавеното ново кривично дело за загрозување на сигурноста во банкарскиот сектор, Мицкоски рече дека тоа е предложено врз основа на актуелните искуства со Стопанска банка Битола и Алта банка.
Оцени дека со новото решение треба да се спречат обидите за политичко влијание и опструирање на процеси во финансискиот сектор.
Како пример, посочи на периодот од 2016 и 2017 година, во време на техничка влада, кога, тогашниот заменик-министер за финансии Кире Наумов испраќал писма со кои ја опструирал емисијата на еврообврзница.
Мицкоски тврди дека тоа предизвикало зголемување на каматите и дополнителни трошоци за државата од неколку милиони евра.
Според Мицкоски, последицата од тоа била зголемување на каматните стапки, што ја чинело државата неколку милиони евра повеќе бидејќи инвеститорите ги зголемиле барањата за принос на обврзницата.
Ја обвини и актуелната опозиција дека повторно се обидува да опструира процеси од политички причини, оценувајќи дека новото кривично дело треба да спречи ваквите постапки да останат без последици.
„Мислам дека е ова една добра форма за понатаму да не се случува и да не се повторува на никој политичар ваква тема да злоупотребува за политички прилики“,
рече тој.
