Од партијата го обвинуваат градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за нефункционалност, сообраќаен хаос, проблеми со хигиената и нереализирани проекти. Бараат целосна транспарентност и отчетност за секој потрошен денар од градскиот буџет, а за сомнителните јавни набавки, незаконското трошење и евентуалните злоупотреби бараат одговорност
Скопје беше ослободено на 13 ноември 1944 година, а денес е заробено од неспособна и криминална власт на ВМРО-ДПМНЕ. Ова, на денешната прес-конференција, го порача претседателот на Градската организација на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Александар Давчевски, критикувајќи го работењето на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски во првата година од мандатот.

Според Давчевски, градот се соочува со нефункционалност, сообраќаен хаос, натрупан отпад, диви депонии и проблеми со кучињата скитници. Оцени дека 29-минутниот отчет на градоначалникот бил обид преку партиска промоција да се прикрие лошата состојба во градот.
Како еден од главните проблеми ја посочи хигиената и наведе дека и покрај поставувањето 3 300 нови контејнери, Скопје не е почисто. Според него, контејнерите се преполни, дивите депонии повторно се појавуваат, а решението не е во поставувањето нови садови, туку во редовното собирање на отпадот.
Давчевски го критикуваше и функционирањето на јавниот превоз, посочувајќи дека граѓаните чекаат автобуси, линиите не сообраќаат редовно, а најавите за нови автобуси и дигитални решенија сè уште не се реализирани. Тој рече дека повторно е одложен и проектот за брз автобуски превоз (БРТ), за кој се обезбедени 70 милиони евра.
Како дополнителен проблем ги посочи поплавите на улиците по пообилни врнежи, кои, според него, се последица на недоволно одржување и отсуство на системски решенија. Тој укажа и на запуштените паркови и јавни површини, како и на недоволната контрола на загадувачите.
„Каде се 346. проекти со кои ја барате и добивте довербата од Скопјани? Каде се ветените булевари, катни гаражи и инфраструктурните решенија? Никаде ги нема и само се бараат изговори. И додека проектите доцнат или откажуваат, се отвораат сериозни прашања за трошењето на јавните пари“,
вели тој.
Според него, кај голем дел од милионските јавни набавки има само еден понудувач, а понудените цени се речиси идентични со проценетите вредности. Побара целосна транспарентност, објавување на документацијата и проверка од надлежните институции.
„Кај добар дел од милионските јавни набавки има само еден понудувач, а понудените цени се речиси идентични со процените вредности. Бараме целосна транспарентност, објавување на документацијата и проверка од надлежните институции. Ова не е проблем од вчера. Пет години ВМРО-ДПМНЕ има целосно влијание врз управувањето, односно неуправувањето со Скопје, прво со мнозинството во Советот и нивниот претходен градоначалник Данела Арсовска, а денес и преку актуелното градско раководство“,
додаде Давчевски.
Ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека со години го блокирала функционирањето на градот преку мнозинството во Советот, а сега градоначалникот се фотографира пред инфраструктурни проекти започнати во времето на СДСМ. Меѓу нив ги посочи мостовите „Михајло Апостолски“ и „Љубљанска“, како и булеварот „Борис Трајковски“.
Оцени дека одговорноста за состојбите во градот не може постојано да се префрла на други и дека скопјани не бараат чуда, туку чисти улици, редовен јавен превоз, проодни улици по дождови, уредени паркови и реализација на ветените проекти.
„Градоначалничката функција не е привилегија за политичка себепромоција, туку одговорност за функционирањето на градот. На Скопје и на скопјани не им требаат уште една година најави и оправдувања. Му треба градска власт што ќе работи, ќе решава проблеми и ќе испорачува резултати“,
кажа тој.
Од СДСМ бараат целосна транспарентност и отчетност за секој потрошен денар од градскиот буџет, а за сомнителните јавни набавки, незаконското трошење и евентуалните злоупотреби бараат одговорност.
Градот Скопје денеска одбележува 82 години од ослободувањето во Втората светска војна.
По тој повод, во агендата на Град Скопје денеска се предвидени повеќе активности. Во 11 часот делегации ќе положат цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта во Бутел, а потоа и на Алејата на заслужните граѓани на гробот на генералот Михајло Апостолски на гробиштата во Бутел. Во 12:30 часот цвеќе ќе бидело положено и пред споменикот на Ослободителите на Скопје пред зградата на Владата.
Свеченото доделување на наградата „13 Ноември“ ќе се одржи вечерва во Македонската опера и балет.
