На средбата со претставниците на владејачката партија на Албанците, како што посочил партискиот лидер Христијан Мицкоски, биле дискутирани принципите на коалицијата, идните предизвици во делот на енергетските состојби, а станало збор и за кадровски решенија, за кои, како што посочил, дискусијата ќе продолжи во наредниот период
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера на редовна седница на Извршниот комитет на партијата, меѓу другото, ги информирал своите сопартијци за средбата што ја остварил со раководството на Влен.

На средбата со претставниците на владејачката партија на Албанците, како што посочил Мицкоски, биле дискутирани принципите на коалицијата, идните предизвици во делот на енергетските состојби, а станало збор и за кадровски решенија, за кои, како што посочил, дискусијата ќе продолжи во наредниот период.
Блерим Сејдиу од Влен вчера најави дека во текот на денот ќе одржат редовна средба со премиерот, како дел од состаноците што се одржуваат на секои две недели, а дека на неа ќе се разговара за актуелни прашања.
Со членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски разговарал и за случајот со Алта банка, при што заклучиле дека опозицијата дејствува во насока на рушење на банката и оштетување на граѓаните, а дека институциите дејствуваат во насока на изнаоѓање решение.
На вчерашната седница, членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го избраа пратеникот Љупчо Пренџов за заменик-генерален секретар на партијата и донесоа одлука за теренска агенда на координаторите од ИК за посета на општинските и месните комитети на партијата.
