Јовески вели дека во изминатите шест години можело да се направи повеќе, но тврди дека во ниту еден момент не престанал да се залага за повеќе и за подобри резултати
Да веруваме дека правото има моќ; и со таа верба да се осмелиме до крај да ја вршиме нашата должност онака како што ја разбираме. Со оваа изјава од Абрахам Линколн, досегашниот јавен обвинител Љубомир Јовески го почнува своето обраќање до јавноста и до јавните обвинители, а со кое го завршува својот шестгодишен мандат.
Во писмото Јовески им се обраќа и на неговите колеги јавни обвинители и им порача дека стрпливоста и упорноста се столбовите на секоја кариера во правосудството.
„Потрагата по правда е маратон, а не спринт трка на кратки патеки и затоа човек мора да одржува темпо и да е истраен. Ве повикувам во секоја можност да ја демонстрирате својата истрајност и решителност во борбата против криминалот. Не дозволувајте поединци да ја извалкаат професијата во која секојдневно се вложувате. Со чесна и напорна работа вашите резултати нема да останат непрепознаени од јавноста“,
им порача Јовески на колегите.
Тој вели дека во изминатите шест години можело да се направи повеќе, но тврди дека во ниту еден момент не престанал да се залага за повеќе и за подобри резултати.
Според Јовески, во изминатите шест години Јавното обвинителство го започнало процесот на трансформација од целосно затворена кон институција отчетна и достапна за граѓаните.
„Состојбите не се лесни, но сепак покажавме и покажуваме истрајност во реформите, а тоа веќе го препознаваат и сите меѓународни институции. Во последниот извештај на Европската комисија навистина се ниски оценките за борбата против корупцијата во земјава и од тоа не можеме да бидеме задоволни. Но, ниту една критика не е насочена директно кон обвинителството. Напротив, се инсистира државата да ги обезбеди и да ги зголеми ресурсите за непречена работа на Јавното обвинителство. Сакам да истакнам дека често поради непознавање на реалната состојба или намерно, правосудството, а со тоа и Јавното обвинителство, се цел на неосновани напади“,
пишува Јовески.
Тој вели дека се создала атмосфера дека довербата во работата на обвинителите е нереално многу ниска.
„На пример, покрај другите предмети правосудството постапува и по граѓански во кои одлуката е во корист само на едната страна. И покрај тоа, во значителен број предмети странките ја прифатиле донесената одлука и не изјавиле жалба. Во јавното обвинителство, пак, бројот на поднесени кривични пријави од граѓани од година во година расте, што исто така е показател дека довербата на граѓаните во нашата работа се зголемува и е многу повисока од презентираната“,
вели тој.
Анкетите, додава Јовески во писмото, онака како што се прават за политичарите и политичките партии, не се соодветни за мерењето на довербата во работата на Јавното обвинителство.
Тој наведува податоци од, како што вели, стручно и релевантно истражување на Светска банка, а се однесува на состојбите со јавната перцепција на правосудството кај нас.
„Во ова длабинско и суштинско истражување на пример на прашањето: Колку се ефикасни правосудните институции? Генерално позитивна оценка дале 28 отсто од граѓаните и 33 отсто од бизнисмените. Запрашани за ефикасноста конкретно во нивниот предмет за оние што имале такво искуство 47 отсто од граѓаните и 37 отсто од бизнисмените рекле дека се задоволни“,
вели Јовески.
Според него, во ова истражување, квалитетот на работата на правосудните институции позитивно го оцениле повторно 28 отсто од граѓаните и 31 отсто од бизнисмените, а во нивен предмет тој процент се искачува на 50 отсто од граѓаните и 42 отсто од бизнисмените кои се задоволни од квалитетот на одлуките.
Заслужуваат внимание, вели Јовески, и податоците на истражувањето на Светска банка на прашањето – колку е фер правосудниот систем? На ова прашање, додава тој, позитивно се изјасниле 24 отсто од граѓаните и 23 отсто од бизнисмените, додека од оние што имале лично искуство позитивна оценка дале 60 отсто од граѓаните и 55 отсто од бизнисмените.
Мандатот на Љубомир Јовески завршува денеска, а вршител должноста државен јавен обвинител на негово место ќе ја врши Соња Симовска.
Симовска ќе биде на оваа функција до изборот на новиот републички јавен обвинител, а постапката за тоа е во тек.
Според Законот за Јавното обвинителство, за јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Откако пријавените кандидати ќе го поминат филтерот на Советот на јавните обвинители, чии членови во рок од 15 дена треба да дадат позитивно или негативно мислење, тоа оди до Владата, која до Собранието предлага еден кандидат што добил позитивно мислење.
Јавниот обвинител потоа го именува Собранието со мандат од шест години и за својата и работата на Јавното обвинителството на Република Северна Македонија одговара пред Собранието.
Собранието огласот го објави на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.
Владата на седница на 19 декември донесе одлука да достави писмо до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, со барање за писмено мислење за пријавените кандидати на огласот за именување јавен обвинител на Република Северна Македонија.
Советот на ЈО, согласно законските рокови, треба во рок од 15 дена да даде позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.
На огласот за нов државен јавен обвинител се пријавиле тројца кандидати: Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.