Мерката, како што објавија дел од медиумите, е изречена и за Билал Кара, сопственик на „Санте плус груп“ и претседател на Управниот одбор на „Европската очна болница“
Од „Европската очна болница“ денеска соопштија дека се подготвени да соработуваат со институциите за, како што велат, вистината да излезе на виделина. Тврдат дека не оштетиле ниеден пациент ниту од здравствен, ниту од морален или финансиски аспект
На барање на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Основниот кривичен суд Скопје им одреди мерки на претпазливост на девет лица опфатени во случајот за незаконски постапки поврзани со операции на очи и злоупотреби на средства од Фондот за здравствено осигурување. Одземени им се патните испрати и имаат обрска да се јавуваат во Судот.

Мерката, како што објавија дел од медиумите, меѓу другите, е изречена и за Билал Кара, сопственик на „Санте плус груп“ и претседател на Управниот одбор на „Европската очна болница“ во Скопје.
МВР вчера објави дека во рамки на случајот засега се приведени осум лица, а кривични пријави се поднесени против 11 лица и едно правно лице од Скопје. Извршени се и претреси на повеќе локации во Скопје и по една во Тетово и во Куманово, при што се се запленети околу 50 000 евра и мобилни телефони.
Според кривичната пријава, постојат сомнежи дека во периодот од 2022 до 2025 година, приватната здравствена установа се стекнала со противправна имотна корист од околу 4,25 милиони евра. Врз основа на лажни податоци во електронскиот систем на ФЗО се изготвувале фактури со лажна содржина, а приватната болница наплаќала исти услуги и од ФЗО и од пациентите. Со двојната наплата, според МВР, биле оштетени меѓу 3 000 и 4 000 пациенти.
Во реакција на социјалните мрежи објавена денеска, од „Европската очна болница“ соопштија дека се подготвени да соработуваат со институциите за, како што велат, вистината да излезе на виделина. Тврдат дека не оштетиле ниеден пациент ниту од здравствен, ниту од морален или финансиски аспект.
„Напротив, и по повеќе од една година без поддршка од ФЗО, успеавме да го зачуваме квалитетот, хуманоста и пристапноста на цените на офталмолошките интервенции за сите“,
велат од очната болница.
