Смената на врвот на пратеничката група на ДУИ следува откако во понеделникот оставка од оваа функција поднесе Меџити, кој во писмо до претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека причини за ова се несогласувањата во партијата
Пратеникот Арбер Адеми ќе биде новиот координатор на пратеничката група на ДУИ во Собранието, по оставката на Изет Меџити од оваа позиција, потврдиле за МИА извори во ДУИ, кои исто така рекле дека Меџити бил меѓу пратениците што ставиле потпис за изборот на Адеми.
Адеми во претходниот состав на владата беше министер за образование, а сега е претседател на собраниската Комисија за европски прашања.
Инаку, смената на врвот на пратеничката група на ДУИ следува откако во понеделникот оставка од оваа функција поднесе Меџити, кој во писмо до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој исто така е од ДУИ, вели дека причини за ова се несогласувањата во партијата.
Долго време во јавноста се слушаше за судирот во ДУИ меѓу т.н. скопско крило застапено од ексградоначалникот на Чаир, Меџити и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети и двајцата најистурени министри, Артан Груби и Бујар Османи, кои важат за блиски до лидерот Али Ахмети, но за тоа немаше официјална потврда.
Оставката на Меџити следуваше неколку дена откако лидерот на партијата Ахмети по состанокот на централното партиско претседателство изјави дека разликите се надминати и дека партијата е обединета.
Сега екскоординаторот на пратеничката група на ДУИ, Меџити, мошне ретко се појавуваше во парламентот во последните неколку месеци, додека собраниското мнозинство „кубури“ со кворум за одржување на пленарните седници.
Вицепремиерот Артан Груби денеска, коментирајќи ја одлуката на Изет Меџити да се повлече од функцијата координатор на пратеничката група на ДУИ, рече дека тоа е негова лична одлука и дека ја почитува.
Меџити вчера во интервју за Алсат М говореше за судирот во партијата, при што рече дека неговиот сопартиец Артан Груби се обидел да спинува дека тоа нема врска со внатрепартиски спротивставени ставови и дека некој сакал да ја преземе партијата.
Меџити рече дека оставката не е поради интереси за поголема функција или лични препукувања со Груби, туку дека го изразувал незадоволството на граѓаните, а се повлекол позицијата за да не влијае врз другите пратеници на ДУИ ако за одредени прашања има поинаков став и гласа против.
За Груби, Меџити рече дека проблем е што тој презема повеќе одговорности отколку што има капацитет.