Зборувајќи за меѓународното право, изјави дека не може едноставно да се прифати новиот поредок на неказнивост што некои се обидуваат да го воспостават
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека светот не смее да попушти пред испреплетените закани што ги носат војната, глобалните поделби, климатските промени и вештачката интелигенција, пренсува Си-ен-ен.

Макрон, кој последен пат се обраќа пред Генералното собрание на ОН бидејќи следната година ја напушта функцијата по десетгодишен мандат, им порача на светските лидери дека не смеат да подлегнат на фатализам или дефетизам, истакнувајќи дека светот е пред избор на враќање кон законот на џунглата или живот во цивилизирано меѓународно општество.
„Пораката што сакам да ви ја пренесам денеска, како што го правам тоа во изминатите девет години, е порака на решителност и оптимизам преку делување“,
рече Макрон.
Зборувајќи за меѓународното право, Макрон изјави дека не може едноставно да се прифати новиот поредок на неказнивост што некои се обидуваат да го воспостават.
Според него, Франција ќе продолжи да го поддржува Меѓународниот суд на правдата, откако претходно истиот ден американскиот претседател Доналд Трамп го нарече истиот суд за зло.
Макрон, кој цврсто се залага за глобална соработка наместо за конкуренција, исто така ја потврди својата посветеност кон Обединетите нации.
„Нема да попуштиме пред војната“,
рече тој, искористувајќи го својот говор за да повика на двоен мораториум врз нападите врз енергетската инфраструктура и поморскиот сообраќај низ Црното Море во услови на војна меѓу Русија и Украина.
Тој исто така го осуди насилството на окупираниот Западен Брег, како и отсуството на траен мир во Газа.
„Некои се фалат со некаков лажен мир, но тој мир ниту за миг не ги отвори хуманитарните коридори. Да размислиме за оваа глетка што нè засрамува сите нас“,
рече тој за ситуацијата во Газа, предизвикувајќи аплауз од присутните.
