Коментирајќи го повлекувањето од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити во вечерашното интервју на „Алсат“ рече дека неговиот сопартиец Артан Груби се обидел да спинува дека тоа нема врска со внатрепартиски спротиставени ставови и дека некој сакал да ја преземе партијата.
Меџити рече дека оставката не е поради интереси за поголема функција или лични препукувања со Груби, туку дека го изразувал незадоволството на граѓаните, а се повлекол позицијата за да не влијае врз другите пратеници на ДУИ ако за одредени прашања има поинаков став и гласа против.
Зборувајќи за Груби, Меџити рече дека проблем е што тој презема повеќе одговорности отколку што има капацитет.
„Тој (Груби) моментално ја извршува позицијата организациски секретар во организацијата што не ја познава добро. Со оставката на Атила Реџепи, тој неофицијално ја извршува функцијата генерален секретар, шеф на кабинетот и прв вицепремиер и ги контролира медиумите за самопромоција и за да ги нападне сопартијците кои мислат поинаку. Тој се занимава со Форумот на жени, со Форумот на млади, се занимава со кадровски прашања. Пред народот не се снајде најдобро во 2016 година, и на други избори, во партиските структури во месните совети ги загуби изборите, во претседателството е „поставен“ аи не е избран, така да мислам дека голем експеримент да му се доверат сите овие функции и да кажува како ќе изгледа ДУИ“,
рече Меџити за Алсат.
Коментирајќи ја оставката на Меџити, претходно денеска вицепремиерот Артан Груби рече дека тоа е негова лична одлука и дека ја почитува. Тој не сакаше да коментира во врска со судирот во партијата и потсети на изјавата на лидерот Али Ахмети по последниот состанок на ЦК на кој се согласиле дека сите прашања се решени и дека треба да ги поддржат политиките на партијата.