„Ако во даден случај, вашата соседна земја (Бугарија, н.з.) се обиде да изврши притисок или да го искористи ова во контекст на процесот на проширување, би рекол дека повеќето други земји членки ќе ги информираат дека вториот протокол не е дел од преговарачкиот процес“, изјави австрискиот амбадсадор во земјава во интервју за „Европат“ на телевизија 24
Бугарија може да биде опомената од земјите членки на Европската Унија доколку се обиде да го користи Вториот протокол меѓу Скопје и Софија од јули 2022 година како услов за земјава за продолжување на нејзиниот евроинтегративен пат, бидејќи тој не е дел од Преговарачката рамка со ЕУ.
Ова го вели амбасадорот на Австрија во Македонија, Мартин Памер, во интервју за емисијата „Европат“ на телевизија 24, првпат јасно посочувајќи на оваа околност, која во изминатиот период стана камен на сопнување во односите меѓу Скопје и Софија, што резултира со застој на македонскиот евроинтегративен процес.

Памер експлицитно наведува дека Вториот протокол не е дел од Преговарачката рамка и дека тоа досега јасно било кажано од Брисел. Во таа насока, амбасадорот вели дека доколку Бугарија се обиде да изврши притисок или да го искористи Протоколот во контекст на процесот на проширување, тогаш други земји членки ќе ја информираат Софија дека тој не е дел од пристапниот процес.
„Колку што знам, а прилично сум сигурен дека е точно, Вториот протокол не е дел од Преговарачката рамка. Мислам дека ова е сосема јасно, и ако внимателно ги слушате земјите членки на ЕУ, Европската комисија и разговорите, тогаш ќе видите дека никој никогаш нема тврдено дека, освен во одреден момент Бугарија, дека Вториот протокол е дел од пристапниот процес.
Што се однесува до тоа, претпоставувам дека штом, ако во даден случај, вашата соседна земја (Бугарија н.з.) се обиде да изврши притисок или да го искористи ова во контекст на процесот на проширување, би рекол дека повеќето други земји членки ќе ги информираат дека вториот протокол не е дел од преговарачкиот процес“,
јасен е австрискиот амбасадор.
Сепак, како што додава тој, двете страни ќе мора да разговараат за ова прашање во поглед на добрососедските односи, и затоа, вели, е важно да има дијалог меѓу Македонија и Бугарија – за да разменат различни мислења и перцепции едни за други на пошироко општествено ниво, со цел да се надмине она што, според амбасадорот, очигледно сè уште е останато од минатото.
„Ова е, патем, процес кој и онака е неопходен“,
додава тој.
Памер: Ми се допаѓа изразот „мојата земја“, го користи и вашиот премиер
Говорејќи во тој контекст, тој го наведе искуството на неговата земја со своите соседи. Тука амбасадорот направи мала дигресија, велејќи дека му се допаѓа изразот „мојата земја“ бидејќи, како што кажа, го користи и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
„Австрија е релативно мала земја, со огромен сосед, Германија, потоа уште еден сосед – Чешката Република, со Словачка, Унгарија итн. И сите ние меѓусебно имавме одредени прашања од минатото, но, како прво, не се блокиравме меѓусебно едни со други. Имаше некои обиди, така да се каже, да се направи тоа, но беа отфрлени. Но, во текот на процесот решивме да работиме на нашите билатерални односи и имавме т.н., знам дека ги имате и вие, но ние имавме билатерални комисии кои имаа задача да работат на заедничките учебници по историја каде што две различни гледишта беа ставени едно до друго, дури и кога се разликуваа. Па така, се согласивме дека за одредени прашања имаме различни ставови, но прифаќаме дека имаме различни гледишта и со тоа одиме напред“,
изјави Памер.
За посредништво потребна е согласност од двете страни кои имаат отворени прашања
На прашањето дали официјална Виена повторно би се понудила да посредува меѓу Македонија и Бугарија и што може да понуди за деблокада на процесот, амбасадорот вели дека Виена и Австрија имаат долга традиција како место за дијалог и во извесна мера кога станува збор за посредништво, но за такво нешто треба да има согласност од двете страни кои имаат отворени прашања, во случајот – Скопје и Софија.
„Ако имате две страни коишто бараат поддршка и посредување, мора да имате согласност од двете страни за некоја трета страна да се вклучи во тоа. Во моментов немаме јасна слика каде води ова, но за среќа, пред сè, дијалогот меѓу министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговата колешка во Бугарија, министерката за надворешни работи (Велислава Петрова-Чамова н.з.) тече, тие се сретнаа и верувам дека имаат конструктивни разговори“,
рече амбасадорот.

Според неговите информации, Муцунски и Петрова-Чамова назначиле и претставници кои треба да продолжат да работат на одредени теми, а целиот процес, додава тој, ја има и поддршката од Европската комисија која ги поттикнува страните да продолжат со разговорите и да постигнат договор.
Во однос на барањето на актуелната влада во Скопје во разговорите директно да се вклучи и Европската Унија и колку оваа идеја е добро решение, Памер смета дека пред сè Македонија и Бугарија се тие што сами треба да се договорат.
„Сега, ова не е лесно, како што знаеме, и имаше многу напори, а позната ни е и суштината, но прашувате дали Европската Унија треба да дејствува како посредник, а како што знам, тие разговараат со Софија, со Скопје, со сите релевантни чинители, со сите релевантни функционери. Затоа, да веруваме дека работите ќе се придвижат напред“,
оптимистички вели австрискиот амбасадор во Македонија.
