„Не може малолетни лица да ја вршат работата на возрасни луѓе. Сите возрасни треба да бидат заштитници на малолетниците, особено ако се авторитет. И сега сите треба да одговараат затоа што сите се соучесници во убиството на девојчето“, кажа девојката во своето обраќање пред зградата на „Нова Македонија“, каде се наоѓаат просториите на Министерството за образование и наука (МОН)
Повеќе пораки до институциите и надлежните беа упатени од денешниот протест во Скопје против фемицидите и насилството врз жените, кој беше организиран по убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци. Потресна изјава на протестот даде нејзина сограѓанка, која кажа оти се срами што е жителка на Богданци, бидејќи, според неа, вина за убиството врз себе имаат и сите возрасни во местото, кои знаеле низ што поминува девојчето, но не презеле ништо да ѝ помогнат.

Во изјавата што ја пренесе „Слободен печат“, жителката на Богданци рече дека за ситуацијата знаеле и наставниците на Кириќ, но не пријавиле. Говорејќи низ солзи, таа рече дека девојчето со недели не одело на училиште, но никој не го истражил случајот.
„Мене ми е срам да кажам дека сум дел од оваа држава, а уште повеќе ми е срам да кажам дека сум жителка на Богданци затоа што Билјана не е прва жртва на насилство во тоа место. Но, моментално има голем број возрасни луѓе кои што се ‘заслужни’ за нејзиното убиство, не само момчето кое што ја уби. Како прво, заслужни се сите возрасни кои се дел од нејзиното опкружување – нејзините наставници и професори во училиштетот кои знаеле за оваа ситуација и не пријавиле. Девојчето со недели не одело на училиште и никој не го истражил тоа“,
рече таа.
Девојката ја обвини и полицијата за случајот. Според неа, иако насилникот бил повеќе пати пријавуван и полицијата знаела за него, тој откако бил уапсен, кратко потоа повторно бил пуштен на слобода. Таа тврди дека во една ситуација, нејзиниот брат и неговите другари го бранеле девојчето од насилното момче додека да дојде полицијата. Вели дека по приведувањето, тоа за кратко време било пуштено на слобода.
„Богданци е многу мало место и сите се познаваат. Не е можно да познаваш дека некој е насилник и ти ништо да не направиш во врска со тоа. Не може малолетни лица да ја вршат работата на возрасни луѓе. Сите возрасни треба да бидат заштитници на малолетниците, особено ако се авторитет. И сега сите треба да одговараат затоа што сите се соучесници во убиството на девојчето“,
изјави девојката од Богданци во своето обраќање пред зградата на „Нова Македонија“, каде се наоѓаат просториите на Министерството за образование и наука (МОН).
Протестниот марш, кој почна напладне во паркот „Жена борец“ во Скопје и траеше околу два часа, беше организиран од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“.Оттаму, присутните граѓани поминаа покрај Собранието и Министерството за правда, а маршот го завршија пред Министерството за образование и наука.
Дел од пораките тие ги испратија и преку транспарентите што ги носеа, а на кои можеше да се прочита – „Не ја родив и чувам за некој да ја претепа и запали жива“, „Гневот нема да ни го земете“, „Семејни вредности – ќотек и навреди“, укажувајќи насилството врз жените и неказнивоста во земјава.
Активистите потсетија на имињата и на други жени и девојки кои ги загубија животите како жртви на насилство – Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја…, прашувајќи уште колку жртви се потребни за институциите да се разбудат.
Од протестот беа упатени неколку пораки, а активистиката Елена Петрова, барањата ги сумираше во четири конкретни барања.
Кажа дека за сите пропусти на институциите бараат имиња, одговорност и санкции. Втората порака беше итно поднесување и усвојување на законски измени за заштита од насилство.
„Трето, вратете ги родот и родовата еднаквост во законите, програмите и образованието од кое ги избришавте. Не моѓе да водиме борба против родово базирано насилство, ако политички ја поткопуваме самата основа на негово препознавање. Четврто, разрешете ги од јавни функции ониен кои повикуваат на контрола врз жените, го оправдуваат насилството и го нормализираат нивното потчинување“,
рече Петрова.
