Во објава на Фејсбук, Ѓорѓиевски наведува дека веќе се асфалтираат пристапните улици, откако претходно бил заврешен процесот на експропријација, потребен за изградба на пристапите до мостот
Mостот „Генерал Михајло Апостолски“, што ги поврзува скопските општини Аеродром и Гази Баба, наскоро ќе биде ставен во функција, вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека веќе се асфалтираат пристапните улици и се финализираат активностите за негово поврзување со сообраќајната мрежа.

Во објавата на неговиот фејсбук-профил во која информира за последните градежни активности, градоначалникот наведува дека ветил оти во неговиот четиригодишен мандат мостот ќе биде ставен во фунцкија и дека во таа насока само за неполна година го одглавиле проектот.
Тој посочува дека претходно бил решен процесот на експропријација потребен за изградба на пристапите до мостот, што, како што наведува, со години бил блокиран.
„Мостот што граѓаните го нарекуваа ‘мост за ловење риба’, конечно ќе ја добие својата вистинска намена. Претходно, го решивме процесот на експропријација неопходен за пристапите, заглавен од претходните раководства, ја ослободивме трасата и сега работиме за мостот наскоро да ги поврзе двете соседни општини“,
пишува Ѓорѓиевски во објавата на социјлната мрежа.
Скопскиот градоначалник додава дека паралелно се работи и на експропријација на преостанатиот дел од булеварот до неговото целосно завршување.
Реализацијата на проектот, вели Ѓорѓиевски, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете соседни општини и подобрување на сообраќајната инфраструктура во главниот град.
Во телевизиско гостување кон средината на септември, градоначалникот, изјави дека мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој е продолжение на булеварот АСНОМ и ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба засега нема да има булеварско поврзување. До трговскиот центар „Ист гејт“ ќе се оди преку пристапните улици.
Изградбата на мостот започна во 2020 година, кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, во рамките на проектот за продолжување и проширување на булеварот АСНОМ и поврзување на општините Аеродром, Гази Баба и Центар.
Мостната конструкција беше завршена во наредните години, но неговото пуштање во употреба беше одложено поради нерешени имотноправни прашања и експропријација на објекти на трасата.
