Изминатиов период често се зборува за превирањата во ДУИ, главно конфликт меѓу струите во скопската организација на партијата и министри од оваа партија
Вицепремиерот Артан Груби денеска, коментирајќи ја одлуката на Изет Меџити да се повлече од функцијата координатор на пратеничката група на ДУИ, рече дека тоа е негова лична одлука и дека ја почитува.
„Изет Меџити има над 20 години искуство во ДУИ и како и да е може да биде наследник на Ахмети“,
вели Груби во изјавата што ја објави Алсат.
Тој не сакаше да коментира во врска со судирот во партијата и потсети на изјавата на лидерот Али Ахмети по последниот состанок на ЦК на кој се согласиле дека сите прашања се решени и дека треба да ги поддржат политиките на партијата.
Изет Меџити вчера со писмо го информира претседателот на Собранието Талат Џафери дека се повлекува од функцијата координатор на пратеничката група на ДУИ, а како причина ги наведува случувањата во, како што вели, албанската политика и во неговата партија.
Меџити на крајот потенцира дека и натаму ги поддржува политиките на Ахмети и на, како што вели, гласачите на ДУИ.
Најновиот потег на Меџити може да се смета за потврда на превирањата во ДУИ, за кои изминатиот период се зборува во јавноста, односно на конфликтот меѓу струите во скопската организација на партијата и меѓу членови на пратеничката група и министри, односно координаторот на пратеничката група на интегративците Изет Меџити и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџепи, од една страна, како предводници на скопското крило, и првиот вицепремиер Артан Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи, од друга страна, кои се најистурените министри од оваа партија.
Сега екскоординаторот на пратеничката група на ДУИ, Меџити, мошне ретко се појавуваше во парламентот во последните неколку месеци, додека собраниското мнозинство „кубури“ со кворум за одржување на пленарните седници.