„Неготинска Саботажа“, емитувана на 02 декември 2019 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
„Неготинска Саботажа“, емитувана на 02 декември 2019 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
Скопскиот кривичен суд од утре ќе биде „домаќин“ на судењето од највисок профил во последните две и пол години, откако почнаа процесите на СЈО. На обвинителна клупа, за прв пат, ќе седне токму доскорашната специјална обвинителка Катица Јанева, заедно со Бојан Јовановски алијас Боки 13 и Зоран Милевски викан Кичеец.
Предметот ќе го води судијката Васка Николовска-Масевска. За првпат е избрана во март 2012 година, кога претседателка на Судскиот совет е Александра Зафироска. Во одделението за организиран криминал на скопска единица е прераспределена на почетокот на 2018 г., по доаѓањето на Иван Џолев за претседател на судот. Архивата на медиумите не го исфрла нејзиното име во претходни случаи од висок профил.
За очекување е распоредот на судењата за „Рекет“ да биде густ, бидејќи станува збор за притворски предмет. Кичеец и Јанева ќе доаѓаат во суд од домашен притвор, а барем засега Боки 13 ќе биде спроведуван од притворот во Шутка.
Ако нема одложувања, со оглед на фактот што има мал број обвинети, може да се очекува наскоро во судницата јавно да сведочи и бизнисменот Јордан Камчев. Тој и го пријави случајот, тврдејќи дека обвинетата тројка му изнудувала пари за да му ја олеснат позицијата како осомничено лице во случајот на СЈО „Империја“.
Според обвинението, сите лица се обвинети за истите дела за кои беа осомничени во истрагата.
Бојан Јовановски е обвинет за две дела. Прво, за „Примање награда за противзаконско влијание“ за што, доколку е прогласен за виновен, Кривичниот законик предвидува казна од 1 до 10 години затвор. Второ, за „Перење пари и други приноси од казниво дело“, за што е предвидена казна, исто така, од 1 до 10 година.
Зоран Милевски-Кичеец е обвинет за едно дело: „Примање награда за противзаконско влијание“, за што казната, како што рековме, е 1 до 10 години затвор.
Катица Јанева е обвинета за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, според познатиот член 353, за што е предвидена казна од најмалку 3 години затвор.
„360 Степени“ имаше увид и во самото обвинение. Во него се опишани настаните.
„Откако во предметот со работен наслов „Империја“ обвинетата Катица Јанева донела наредба за истражна постапка против Јордан Камчев и други … поднела Предлог за определување мерка притвор … неколку дена по неговото притворање (на Јордан Камчев н.з.), обвинетиот Зоран Милевски, во договор со обвинетиот Бојан Јовановски, користејќи ги околностите дека тој бил вработен во „Орка холдинг“, договорил средби со Ана Камчева – сопруга на… Јордан Камчев. Бојан Јовановски во неговата канцеларија лоцирана во зградата која ја користи телевизискиот медиум „1ТВ“ … телефонски преку спикерфон контактирал со обвинетата Катица Јанева за да го увери сведокот во нивната блискост.“
Откако Камчева била уверена во блискоста и влијанието на Јовановски врз Јанева…
„Бојан Јовановски и Зоран Милевски на средба со неа побарале 500.000 евра за мерката притвор против нејзиниот сопруг да биде заменета со поблага мерка – куќен притвор… Откако Ана Камчева обезбедила 500.000 евра… обвинетата Катица Јанева, искористувајќи ја својата службена положба и овластување до Апелациониот суд во Скопје, дала предлог мерката притвор против Јордан Камчев да се укине и да му се одреди поблага мерка – куќен притвор.“
За време на издржувањето на мерката куќен притвор, според обвинението, Јовановски и Милевски го посетуваат Камчев дома.
„Барале 8 милиони евра доколку СЈО со одлука на Врховниот суд… остане овластен тужител во кривичниот предмет против него, а доколку донесе мислење дека тоа обвинителство е неовластен тужител да им даде 5 милиони евра за во истражната постапка Катица Јанева да му даде својство на заштитен сведок, со наредба да ја запре истражната постапка или да склучи со него спогодба за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета…“
Камчев плаќа еден милион евра на 20 февруари 2019 година. Снимките од настанот се оние кои излегоа во јавноста. Обвинението завршува со опис дека околу 1,5 милиони евра завршиле кај Кичеец и Јовановски, а кај Катица Јанева околу 50.000 евра во кеш и 5 илјади евра во мебел. Во обвинението има детален опис како се трошени парите, само за Бојан Јовановски.
Токму таа околност остава празнина во теоријата на случајот на обвинителството, односно дека во обвинението нема информација што се случило со парите кои наводно завршиле кај Кичеец, кој патем беше првиот кој доби амин да излезе од притвор. Тој беше фатен и со телефон во притвор, ама обвинителството се уште не проверило со кого.
Со кого Зоран Милевски комуницирал преку мобилен телефон од притвор?
„Не… затоа што мислам дека се уште не се готови вештачењата на тие телефони затоа што имавме приоритетни телефони и компјутери кои требаше во меѓувреме да се извештачат а кои се уште не се извештачени“,
одговори Русковска во тв интервју.
Како ги трошела парите, нема информација ниту за Катица Јанева. Во истиот јавен настап, во емисијата „Отворено“ на ТВ 24, обвинителката Вилма Русковска, објасни дека заклучокот дека таа добила пари е донесен врз основа на снимка.
– Ќе биде ли доволна една слика, на која пред Јанева има едно купче со 50,000 евра? Како ќе ги поврзете тие пари од телефонот на Боки со сомнителното вадење на толкава сума пари од банка од страна на осомничен во „Империја“, ден пред објавувањето на таа слика?
„Јас во истражниот тим имам компјутерски форензичар. И тоа беше негова задача.
– Тој ве увери?
Не. Анализата што ја направи ме увери.
– Дека парите се земени или дека снимката е веродостојна?
Дека снимката е веродостојна.
– Ги пронајдовте ли парите?
На кои пари мислите?
– На тие што беа на снимката.
Не.
Токму врската меѓу одлуките кои Јанева ги носела како обвинител и наводно примените пари, се точката која ќе ја напаѓа нејзината одбрана.
„Во однос на начинот на кој ние ќе постапиме, недвосмислено ќе го искористиме правото на одбрана, ќе се обидеме да докажеме дека Јанева е невина… На товар и ставаат дејствија коишто Јанева како обвинител имала право да ги преземе и оттука сметам дека во нејзините дејствија нема злоупотреба на службената положба“
вели адвокатката Ирена Фрчкоска.
Адвокатката Ирена Фрчкоска бара од судот да се апстрахира од мислењето создадено во јавноста и очекува објективна постапка. Меѓу елементите кои се важни во одбраната се, според нив, повредата на право на одбрана, бидејќи од Русковска добиле само дел од доказите, што е спротивно на законот.
„Значи, ние се уште како одбрана ги немаме добиено сите докази. Ние додека не ги добиеме сите докази, не можеме да го отпочнеме судењето, како за нас како одбрана така и за Јанева лично… Од друга страна во листата на докази беа цитирани докази кои се уште се во фаза на изработка, односно во фаза на вештачење. Што ќе произлезе од тие вештачења, како ќе се употребат, ние како одбрана не знаеме
вели Фрчкоска.“,
За она што одбраната го гледа како повреда на постапката биле испратени дописи до државното обвинителство уште пред еден месец. „360 Степени“ праша каков е епилогот од тие барања, но не добивме одговор.
За разлика од адвокатката на Јанева, бранителите на Јовановски и на Кичеец одлучија дека ден пред судење не би сакале јавно да ги изнесат своите ставови.
Само телефонски, адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски, најави дека и неговиот клиент ќе ја докажува својата невиност. Неговата најголема забелешка е односот на институциите кон здравјето на неговиот клиент. За пример, го посочува ставот на болницата 8 септември, од каде во петокот потврдија дека Јовановски е „сместен во апартман во одделението за интензивна нега заради почитување на безбедносните протоколи, а не заради тежината на неговата здраствена состојба“.
За потоа да кажат и дека ќе остане во болница се додека не се завршат испитувањата но и дека „тој се планира да биде испуштен од болничката установа ГОБ 8ми септември, најкасно во понеделник на 02.12.2019 година.“
„360 Степени“, случајно или не, не успеа да добие дециден став само од одбраната на Зоран Милевски-Кичеец. Одговорот секако ќе знае веќе утре, во големата сала на новата зграда на скопскиот кривичен суд.
by 360степени
Во полициската станица Карпош вечерва се приведени две лица поврзани со пукањето во хотелот „Александар Палас“ што се случи половина час после полноќ на 1. декември.
„Изминатото деноноќие полицијата презеде оперативно- тактички активности за расветлување на настанот во Александар Палас. Приведени се две лица кои се поврзани со овој настан и со кои се обавуваат истражни разговори“, велат од МВР, но во овој момент без детали, бидејќи, како што објаснуваат, станува збор за опсежна полициска операција што е во тек.
Настрана од шпекулациите во јавноста, досега за овој случај официјално е познато дека вооружениот инцидент се случил 35 минути после полноќ на 1. декември, кога врз петмина гости во ресторанот на хотелот, Е. И. (21), Е. И. (25), О. Б. (35), К.И. (41) и Љ.Ќ. (25) пукале три лица, чиј идентитет не е познат во јавноста. На нападот возвратил Љ.Ќ., полициски службеник кој во моментот не бил на должност, кој испукал од службениот пиштол кон нив, по што напаѓачите избегале. Според МВР никој не е повреден.
by 360степени
Во „360 Степени“ на ТВ Алсат (2 декември 2019 г.):
-два нови објекта никнуваат на крајбрежјето во општина Струга во период кога охридскиот регион е во ризик да биде сместен меѓу наследствата на УНЕСКО во опасност – градоначалникот Рамиз Мерко бара „да не се прави нешто од ништо“;
-утре почнува судењето за „Рекет“;
-двојазични часови (на македонски и на албански) во шест средни училишта во Скопје – први посериозни обиди за интегрирано образование;
-Албанија уште долго ќе живее со траумата од катастрофалниот земјотрес – слика од терен;
-алармантни сознанија за достапноста и нивото на менструална хигиена кај жените во земјава;
-„Саботажа“.
by 360степени
За сите кои згрешиле пред законот треба да има одговорност, вели пратеникот од ДУИ Артан Груби, одговарајќи на новинарско прашање каков е ставот на неговата партија за барањето Собранието да даде автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.
„Останува тоа прашање да се дебатира во Собранието како и во Уставен суд. Лично сметам дека е дојдено време политиката што помалку да се меша во судството и судството што помалку да се меша во политиката и сите да си ја вршат својата работа согласно Уставот и согласно законот, изјави Груби вечерва по седницата на централното раководство на партијата во Мала Речица.
Во контекст на политичка одговорност го спомена и ветингот на кој неговата партија инсистира, истакнувајќи дека тоа е најдоброто можно решение и дека за да се спречи евентуална злоупотреба, ДУИ ќе инистсира тоа да биде двостепена проверка.
„Првостепен ветинг е со цел да се провери интегритетот на лице со јавна функција, па доколку се утврди дека нешто не е во ред тогаш второстепен ветинг, да нема лов на вештерки туку да знаеме што правиме и што сакаме да постигнеме“, нагласи тој.
Груби најави промени и внатре во партијата што ќе следуваат по конгресот на 21 декември во Скопје-статутарни, но и формирање три нови партиски тела.
-Станува збор за формирање Национален совет, партиска изборна комисија која ќе работи постојано за избор во сите органи на партијата, а предвидено е да има и постојан конгрес кој ќе го претставуваат една третина од членовите делегирани од ограноци кои ќе работат до секој нов конгрес и по конгресот за да биде долговечноста на ДУИ“, рече Груби.
Најрано на 11 декември може да се одржи седница на Собранието на чиј дневен ред ќе биде барањето поднесено до СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за поминување, откако претходно ќе се добие мислење од Законодавно-правната комисија.
Со барањето за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување, пратениците од владејачката СДСМ сакаат да го спречат Уставниот суд во можноста да ги „воскресне“ помилувањата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за повеќе од 50 лица опфатени во случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Очекувањата им се дека законодавниот дом ќе заклучи дека ваквиот член воопшто и не постои.
by 360степени
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да си поднесе оставка затоа што е обезличен, побараа пратениците од независната пратеничка група, која беше избркана од коалицијата бидејќи гласаше за уставните измени од Договорот од Преспа.
Причината за ваквата реакција на независната група, која по напуштањето на Зеќир Рамчиловиќ брои седум пратеници, е најавата на лидерот на опозицијата дека ќе побара од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да поднесе иницијатива за ратификација на протоколот за НАТО со одложено дејство.
„Таа (е) истата пратеничка група на која и наложи да стои покрај ѕидот, кога отпочна постапката за додавање на географската одредница Северна на Република Македонија, што беше услов за отпочнување на процесот за влез во НАТО. Христијан Мицкоски кој неколку пати го негира и потценува генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека промената на името е неопходна, сега ќе наложи пратениците да потпишат иницијатива за Северна Македонија да отпочне ратификација за членство во НАТО. Истите пратеници на кои пред само неколку дена им кажа дека не ги планира на идните пратенички листи. Потценувањето на суверенитетот на нивната особност е негов препознатлив стил, па во нивно име одлучува тој“, реагираат од независната група пратеници.
Мицкоски на вчерашната прес-конференција, зборувајќи за тоа дали ратификацијата на протоколот за членство во НАТО може да ги одложи предвремените избори закажани за 12 април 2020 г., рече дека ќе побара да се покрене иницијатива по примерот на Црна Гора, која предвреме го ратификуваше протоколот за нејзино членство во Алијансата, но тоа стапи на сила откако и последната земја-членка го ратификуваше влезот на оваа држава во Алијансата.
Сите новинарски екипи што се пријавиле за да го следат Самитот на НАТО ќе добијат еден вид „посебна виза“ и утре ќе можат да патуваат, откако денеска осум екипи, со купени билети за Лондон, останаа во Скопје бидејќи не ги добија назад пасошите од Варшава, Полска каде што требаше да им биде издадена британска виза.
Ова попладнево за „360 степени“ го потврдија од Владата, откако група новинари денеска се пожалија дека го пропуштаат Самитот на НАТО поради доцнењето на визите, а критиките кон Владата беа дека таа не обезбедила групно аплицирање за Самитот.
Од Владата велат дека ги направиле сите можни чекори. Со дипломатска нота побарале новинарите навреме да добијат визи.
„Ние не сме организатори на настанот, но повикот беше распишан пред еден месец и медиумите се пријавија согласно јасно наведени критериуми. Сепак, настана непријатна ситуација така што до денеска нема потврда за поголем дел од новинарите и тие до денес не ги добија назад своите пасоши со визите. Сепак, од овој момент имаме добра вест. Со заеднички напори на Британската амбасада, на Владата, со разбирање и со соработка со новинарите, успеавме да го решивме проблемот. Одлучено е Британската амбасада да им издаде на новинарите еден вид „посебна“ важечка виза и тие утре ќе можат да патуваат. За компензација поради настанатата ситуација, новинарите ќе добијат и бесплатни авионски билети за утре да пристигнат во Лондон. Им благодариме на новинарите за разбирањето и соработката, следењето не овој настан е од особено значење за домашната јавност, имајќи предвид дека Северна Македонија првпат учествува на ваков начин во работата на НАТО-лидерскиот состанок, како земја која наскоро ќе стане 30-та членка на Алијансата“, велат од Владата за „360 Степени“.
Од Британската амбасада во Скопје потврдија само дека проблемот е решен и дека новинарите ќе може утре да патуваат.
Инаку, македонската влада за Самитот во Лондон го покрива локалниот транспорт и сместувањето на медиумските екипи, но аплицирањето за виза е индивидуално.
by 360степени
По четири дена поминати во градската болница „8-ми Септември“, Бојан Јовановски – Боки 13 добил отпусно писмо и е вратен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
За неговиот престој во затворската ќелија деновиве ќе одлучува Апелацискиот суд во Скопје од каде одбраната на Јовановски бара тој да биде пуштен, на што пак, од Вишото обвинителство уште во петокот дале негативно мислење. Првично адвокатот Сашко Дуковски бараше јавна седница која беше закажана за денеска, но го повлекол барањето, па седница утрово воопшто и не се одржа.
Додека ја очекува одлуката, Јовановски утре повторно со затворското комбе ќе ја помине капијата во Шутка, но за да биде спроведен во Основниот кривичен суд во Скопје каде треба да започне судскиот процес за „Рекет“. Од домашен притвор до истата локација ќе бидат спроведени и порашената специјална јавна обвинителка Катица Јанева и бизнисменот Зоран Милески – Кичеец.
Тројцата за првпат ќе седнат во судница во својство на осомничени, наспроти обвинителката Вилма Русковска. Истрагата за овој случај Обвинителството ја отвори на 15 јули годинава, а како клучен сведок е бизнисменот Орце Камчев, кој во истрагата „Империја“ на СЈО, пак, е со статус осомничен. Од него, според обвинението, биле побарани 8 милиони евра од кои биле исплатени 1,5 милиони.
На 10 октомври Обвинителството поднесе обвинителен акт за тројцата осомничени што подоцна судот во целост го прифати.
Од утре, обвинителството и одбраната, секој со своите аргумети и докази, во овој судски процес ќе го докажуваат односно ќе го побиваат обвинението според кое осомничените од Камчев изнудиле нешто повеќе од 1,5 милиони евра.
Јовановски е првообвинет за „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси од кривично дело“. Милески како третообвинет се гони за помагање во првото делото додека Јанева е второобвинета, но за „злоупотреба на службената положба и овластувања“.
Според обвинението, Јовановски искористувајќи ги пријателските односи со Јанева влијаел врз неа за да му ја олесни положбата на Камчев во „Империја“.
Тогашната шефица на СЈО не се противела, па откако нејзиниот пријател заедно со Милески ги добил првите половина милион евра од сопругата на Камчев, до Апелацискиот суд во Скопје доставила предлог, бизнисменот да добие од затворот во Шутка да се префрли во куќен притвор. Кога била исплатена и втората половина од милионот, Јанева испратила согласност Камчев да добие и привремен пасош.
Според обвиението, специјалната обвинителка за ова добила мебел во вредност од речиси пет илјади евра и кеш од 50.000 евра.
Јовановски и Милески зеле 1,5 милиони евра. Боки 13, пак, според обвининието, бидејќи официјално е невработел, а сметките му се блокирани, парите ги трошел за луксузен мебел, облека, чевли и летувања во луксузни резорти надвор од земјава.
Улогата на Милески во целиот овој случај била да договара средби со сопругата на Камчев, а откако тој излезе од притвор и со него лично, како и да ги убедува дека има влијание врз специјалната обвинителка.
Проширување на истрагата за „Рекет“
Ден пред да го поднесе обвинението за овој случај, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори уште една истрага за аферата „Рекет“. И во неа Бојан Јовановски е првоосомничен за две дела -за „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „Измама“.
Оваа истрага се однесува на работата на невладината организација Меѓународен сојуз, чиј претседател е Јовановски. Обвинителството го сомничи дека измамил две градежни компании на тој начин што ги лажел дека ќе обезбеди државно земјиште за да се изградат центри за возрасни лица и моблен сервис, а потоа ќе обезбеди и државни субвенции. Така, од едната фирма преку авторска агенција добил околу 720.000 евра, а од другата околу 230.000.
На списокот осомничени со Јовановски се најде и пратеничката од власта, Фросина Ременски, за помагање на делото „измама“.
Заменик-претседателката на меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ, таткото на Боки 13, Миле Јовановски и асистентката го надополнуваат списокот од вкупно петмина осомничени. Тие се под истрага за помагање на двете дела: „Измама“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Во случајот како правно лице се сомничи и Меѓународниот сојуз.
Дали Собранието ќе донесе автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување со широк консензус меѓу сите партии ќе биде познато најрано на 11 декември, за кога претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека најбргу може да се закаже седница. Тој денеска ќе го испрати барањето до Законодавно-правната комисија, но и до Владата од каде треба да испратат мислење.
Со барањето за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување, пратениците од владејачката СДСМ сакаат да го спречат Уставниот суд во можноста да ги „воскресне“ помилувањата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за повеќе од 50 лица опфатени во случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Очекувањата им се дека законодавниот дом ќе заклучи дека ваквиот член воопшто и не постои.
Меѓутоа, во содржината на Иницијативата не се бара толкување дали спорниот член 11 постои или не туку се бара пратениците да разјаснат под кои околности е оправдано Претседателот да даде помилување според ваквата законска одредба.
„Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилувања и без спроведување на постапката за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека тоа е оправдано“, гласи Членот 11 од Законот за помилување од 1993 година.
Повикувајќи се на ваквата содржина, во барањето, потпишано од пратениците Сашко Костов и Диме Велковски, е наведено дека „автентичното толкување треба да ја разјасни примената на членот 11 од Законот, односно типот на околностите кои го прават оправдано давањето помилувања без спроведување на законски пропишана постапка“.
Содржината е ваква, како што брифираат од власта, за иницијативата да не биде отфрлена од самиот старт од процедурални причини и да може да се најде на дневен ред пред пратениците и тогаш, всушност, да се констатира дека членот 11 од Законот за помилување од 1993 воопшто не постои.
Пред автентичното толкување да се најде на пленарна седница, Деловникот налага Законодавно-правната комисија прво да одлучи дали барањето е оправдано или не. Ако е оправдано, треба да донесе предлог-автентично толкување кое потоа оди на пленарска седница.
Соња Мираковска, која претседава со Комисијата, вели дека за комисиската расправа ќе се чека и мислењето од Владата, но нејзин личен став е дека „членот 11 не постои, затоа што во 2016 година, со укинувањето на законот од 2009, Уставниот суд може да ги укине сите одредби, но не и да оживее одредба од законот од 1993 г., на која се повикува и претседателот за да даде помилување“.
Барањето ќе биде ставено во постапка, но според првиот човек на законодавниот дом, постојат одредени дилеми. Како што посочува тој, Уставен треба да се изјасни и за тоа што значи одлуката од 2016 г. со која се укинаа измените направени 2009 година.
Прешова: Уставните судии да се остават да тонат во живата кал
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека безусловно ќе поддржат сѐ за да се стави крај на злоупотреба на аболицијата. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски за „360 степени“ вели дека СДСМ можеле да бараат автентично толкување и на двата члена.
Тој повтори дека, сепак, во нивната партија има политичка волја да поддржат сѐ што ќе спречи спас на кого било што сторил криминал.
Токму ваквите проблеми произлегуваат од нерасчистените уставно-правни дилеми, бидејќи не се пристапува темелно во нивното навремено расчистување, смета асистентот по Уставно право на Правниот факултет при УКИМ, Денис Прешова.
„Клучното прашање во ситуацијата поврзана со Уставниот суд не е дали помилувањата можеле да бидат повлечени или не туку дали помилувањата се воопшто правно валидни и дали се дадени согласно Уставот и законот. Имено, повлекување на помилувања, генерално, се смета за недопуштено и во спротивност со владеењето на правото, правната сигурност и, воедно, спротивни на суштината на институтот помилување.
Поради ова мора да се прави јасна дистинкција меѓу двете прашања, да не се создава непотребна забуна во јавноста, со цел да се овозможи јасно детерминирање на одговорноста поради негативните последици од развојот на настаните“, напиша Прешова на својот Фејсбук профил.
Тој смета дека помилувањата се дадени според непостоечка правна основа, односно во тој момент член 11 не постои во правниот поредок на државата, со што тие се спротивни на уставната одредба од член 84 алинеја 10 која утврдува дека Претседателот дава помилувања во согласност со закон.
За значењето на спорниот член 11 во контект на постапката што се води во Уставниот суд, Прешова смета дека „ниту со поништување на член 11-а ќе се ‘оживеат’ помилувањата од 2016 година, ниту со поништување на член 11 во 2016 година ќе можеа да го ‘вратат во сила’ член 11 од Законот за помилување“.
„Се друго е класична и еклатантна злоупотреба… Со автентично толкување ќе се даде можност уставните судии да се извлечат од живата кал во која се препелкаат. Треба да се остават да тонат и веднаш да се бара утврдување на нивна кривична одговорност“, вели Прешова.
Дилемата за тоа дали членот 11 кој е предмет на автентичното толкување постои или не, не е ново прашање. Експертите уште во 2016 г., кога Ѓорге Иванов ја објави аболицијата, алармираа дека се прави по непостоечки член во Законот.
Членот 11 е дел од Законот за помилување кој е донесен 1993 година. Меѓутоа, во 2009 година кога Бранко Црвенковски го помилува Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои беа на власт, изгласаа законски измени и го избришаа членот 11.
Во 2016 г. Уставниот суд ги укина измените и дополнувањата од 2009 г. Но, како што посочува и Прешова, Уставен суд со ова не создава право туку констатира што е неправо. Тоа значи дека укинувањето на измените во 2009 г. не значат дека на сила е вратен членот 11, а со тоа и правото на претседателот да помилува без процедура.
Од Уставниот суд денеска со соопштение реагираа на коментарите во јавноста за нивната минатонеделна одлука. Судот нив ги оценува како „директен упад и притисок за нормално функционирање на Судот и неосновано се повредува угледот на Судот и честа и личноста на уставните судии“.
Нема информација кога Уставниот суд би носел конечна одлука, по решението за поведување постапка за оценување на уставноста на член 11а од 27 ноември.
by 360степени
Наредната 2020 година под лупата на Антикорупциската комисија ќе бидат имотната состојба и судирот на интереси кај судиите и обвинителите.
Антикорупционерите, како што соопштија денеска, направиле анализа и правосудството го оцениле како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па токму затоа проверката на судиите и обвинителите ќе биде дел од годишниот план за идната година.
Чешлање на оваа фела бараат и политичките лидери. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска најави дека неговата партија ќе предложи и конкретен закон.
„Согласно Уставот, ќе предложиме закон со кој ќе се овозможи проверка на судии, обвинители, политичари и носители на јавни функции. Да го испитаме потеклото на имот на оние кои несразмерно се обогатија на грбот на народот, не само да одговараат со казни туку и да го вратат одземеното од буџетот на народот“, рече Мицкоски.
Ако не добијат поддршка од СДСМ, најави тој, носење ваков закон ќе биде еден од чекорите кои ќе ги направи ВМРО-ДПМНЕ во првите сто дена од владата која ќе ја формира по изборите на 12 април 2020.
Вчера и премиерот Зоран Заев преку видео обраќање ја повика Антикорупциска да го провери имотот на судиите и обвинителите, како и тоа дали има конфликт на интереси. Тој побара и Судскиот совет и Советот на обвинители да оценат одговорност за застарувањето предмети, а упати повик и до Европската комисија.
„Владата ја повикува и Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил. Согласно законските одредби за јавност, Владата предлага сите снимки од судења на случаите кои ќе бидат набљудувани од Европската Комисија, да бидат достапни во аудио верзија. Време е судството да се соочи со јавноста“, порача Заев.
Група новинари од Македонија, кои планирале да го следат Самитот на НАТО во Лондон, останаа со купени авионски билети, но без виза, поради што нема да може да патуваат. Планот бил Владата да ги покрие трошоците за сместување во Лондон, а авионскиот превоз да падне на товар на редакциите. Новинарите тврдат дека долго ги чекале деталите од Владата за да знаат колку денови би престојувале, па да купат билети. По добиената агенда, стигнала и нота од МНР со која се замолува Британската амбасада да им издаде визи на новинарските екипи. Но, и покрај реализираните интервјуа во скопска агенција и испраќањето на пасошите на одобрување во Варшава, Полска, новинарите до денеска не добија виза.
Новинарот Назим Рашиди од телевизијата Алсат вели дека нема да го искористи билетот резервиран за 19:30 од аеродромот во Охрид. Според него, Владата не се ангажирала максимално за оваа „НАТО-авантура“, но вина гледа и во Амбасадата. Иако истовремено аплицирале со неговиот колега-снимател, тој добил виза, но не и новинарот.
„Деталите околу сместувањето од Владата ги добивме во ноември, па по онлајн-аплицирањето ги оставивме во подрачниот центар во Скопје и мислевме дека поради нотата од МНР нема да имаме проблем. Само процедурата за виза ме чини 200 евра. Купивме билети, но, очигледно, извисивме. Имам акредитација и за Самитот и за средбите, но визата не стигна. Од Владата ништо не презеле аплицирањето за новинарите да биде групно. Јас од ова патување се откажав“, вели Рашиди за „360 Степени“.
Новинарот Јован Ѓорговски од телевизијата Канал 5 процедурата ја следи онлајн и пасошот сѐ уште му е во Варшава.
„Го пропуштаме летот бидејќи пасошите не ни се вратени, не знаеме дали имаме виза или не. Некоректно е, за да стигнеш до интервју воопшто преку агенција, мора да имаш билети. Купивме билети, ја приложивме и дипломатската нота и на интервјуто ни ги зедоа пасошите и ги праќаа во Полска. Според дипломатската нота, од Амбасадата се бара да ни одобри виза за престој од 1 до 6 декември. Очекувавме дека ќе се забрза за вечерва да тргнеме. Колку што гледам, пасошот сè уште е во Полска. Ако по некое чудо стаса до вечер, може и ќе отидеме“, вели Ѓорговски за „360 степени“.
Фотографот Томислав Георгиев од неделникот „Фокус“ воопшто не купил билет. Доколку стигне визата, попладнево ќе се обиде да го фати летот од Охрид.
„360 степени“ праша во Британската амбасада до каде е процедурата и дали има шанси дел од новинарските екипи кои сè уште сакаат да патуваат, да стигнат во Лондон. Оттаму велат дека се прават напори пасошите со одобрени визи да стигнат што е можно поскоро, но детали за колку пасоши се работи и кога би стигнале не соопштија.
Прашавме и во Владата на РСМ, зошто целата организација не се направи порано за да не се чекаат визите во „5 до 12“. До објавувањето на текстот одговор од Владата не добивме.
©2024 360 степени, Сите права се задржани