Наредната 2020 година под лупата на Антикорупциската комисија ќе бидат имотната состојба и судирот на интереси кај судиите и обвинителите.
Антикорупционерите, како што соопштија денеска, направиле анализа и правосудството го оцениле како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па токму затоа проверката на судиите и обвинителите ќе биде дел од годишниот план за идната година.
Чешлање на оваа фела бараат и политичките лидери. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска најави дека неговата партија ќе предложи и конкретен закон.
„Согласно Уставот, ќе предложиме закон со кој ќе се овозможи проверка на судии, обвинители, политичари и носители на јавни функции. Да го испитаме потеклото на имот на оние кои несразмерно се обогатија на грбот на народот, не само да одговараат со казни туку и да го вратат одземеното од буџетот на народот“, рече Мицкоски.
Ако не добијат поддршка од СДСМ, најави тој, носење ваков закон ќе биде еден од чекорите кои ќе ги направи ВМРО-ДПМНЕ во првите сто дена од владата која ќе ја формира по изборите на 12 април 2020.
Вчера и премиерот Зоран Заев преку видео обраќање ја повика Антикорупциска да го провери имотот на судиите и обвинителите, како и тоа дали има конфликт на интереси. Тој побара и Судскиот совет и Советот на обвинители да оценат одговорност за застарувањето предмети, а упати повик и до Европската комисија.
„Владата ја повикува и Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил. Согласно законските одредби за јавност, Владата предлага сите снимки од судења на случаите кои ќе бидат набљудувани од Европската Комисија, да бидат достапни во аудио верзија. Време е судството да се соочи со јавноста“, порача Заев.