За сите кои згрешиле пред законот треба да има одговорност, вели пратеникот од ДУИ Артан Груби, одговарајќи на новинарско прашање каков е ставот на неговата партија за барањето Собранието да даде автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.
„Останува тоа прашање да се дебатира во Собранието како и во Уставен суд. Лично сметам дека е дојдено време политиката што помалку да се меша во судството и судството што помалку да се меша во политиката и сите да си ја вршат својата работа согласно Уставот и согласно законот, изјави Груби вечерва по седницата на централното раководство на партијата во Мала Речица.
Во контекст на политичка одговорност го спомена и ветингот на кој неговата партија инсистира, истакнувајќи дека тоа е најдоброто можно решение и дека за да се спречи евентуална злоупотреба, ДУИ ќе инистсира тоа да биде двостепена проверка.
„Првостепен ветинг е со цел да се провери интегритетот на лице со јавна функција, па доколку се утврди дека нешто не е во ред тогаш второстепен ветинг, да нема лов на вештерки туку да знаеме што правиме и што сакаме да постигнеме“, нагласи тој.
Груби најави промени и внатре во партијата што ќе следуваат по конгресот на 21 декември во Скопје-статутарни, но и формирање три нови партиски тела.
-Станува збор за формирање Национален совет, партиска изборна комисија која ќе работи постојано за избор во сите органи на партијата, а предвидено е да има и постојан конгрес кој ќе го претставуваат една третина од членовите делегирани од ограноци кои ќе работат до секој нов конгрес и по конгресот за да биде долговечноста на ДУИ“, рече Груби.
Најрано на 11 декември може да се одржи седница на Собранието на чиј дневен ред ќе биде барањето поднесено до СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за поминување, откако претходно ќе се добие мислење од Законодавно-правната комисија.
Со барањето за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување, пратениците од владејачката СДСМ сакаат да го спречат Уставниот суд во можноста да ги „воскресне“ помилувањата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за повеќе од 50 лица опфатени во случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Очекувањата им се дека законодавниот дом ќе заклучи дека ваквиот член воопшто и не постои.