Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да си поднесе оставка затоа што е обезличен, побараа пратениците од независната пратеничка група, која беше избркана од коалицијата бидејќи гласаше за уставните измени од Договорот од Преспа.
Причината за ваквата реакција на независната група, која по напуштањето на Зеќир Рамчиловиќ брои седум пратеници, е најавата на лидерот на опозицијата дека ќе побара од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да поднесе иницијатива за ратификација на протоколот за НАТО со одложено дејство.
„Таа (е) истата пратеничка група на која и наложи да стои покрај ѕидот, кога отпочна постапката за додавање на географската одредница Северна на Република Македонија, што беше услов за отпочнување на процесот за влез во НАТО. Христијан Мицкоски кој неколку пати го негира и потценува генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека промената на името е неопходна, сега ќе наложи пратениците да потпишат иницијатива за Северна Македонија да отпочне ратификација за членство во НАТО. Истите пратеници на кои пред само неколку дена им кажа дека не ги планира на идните пратенички листи. Потценувањето на суверенитетот на нивната особност е негов препознатлив стил, па во нивно име одлучува тој“, реагираат од независната група пратеници.
Мицкоски на вчерашната прес-конференција, зборувајќи за тоа дали ратификацијата на протоколот за членство во НАТО може да ги одложи предвремените избори закажани за 12 април 2020 г., рече дека ќе побара да се покрене иницијатива по примерот на Црна Гора, која предвреме го ратификуваше протоколот за нејзино членство во Алијансата, но тоа стапи на сила откако и последната земја-членка го ратификуваше влезот на оваа држава во Алијансата.