За случајот против судијата и член на Судскиот совет Зоран Теофиловски, од МВР поднеле кривична пријава против 13 лица, но од ОЈО за гонење на организиран криминал решиле да гонат само 8-мина
Настрана од прашањата за кандитатите на опозицијата за техничката влада, главниот настан еден ден пред новата 2020 година е потрагата по судијата и член на Судскиот совет Зоран Теофиловски.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал уште попладнево ја објави „приказната“ на истрагата според досега обезбедените докази – дека Теофиловски легализирал непостоечки објект, а потоа и го откупил околното земјиште вредно 860.000 евра за само 3.000 евра.
Вилма Русковска сомничи 8 лица, а МВР тврди дека имаат докази за 13!
Според верзијата на обвинителството со кое раководи Вилма Русковска, Теофиловски имал седум „соработници“ во извршувањето на кривичното дело, што значи дека во истрагата се осомничени вкупно 8 лица. Најголемиот дел од нив се службеници од различни сектори во Општина Тетово.
Но, подоцна попладнето, своја верзија до јавноста испрати и МВР. На прв поглед, типичен полициски извештај кој нема потреба да се прочита ако веќе е прочитано по многу нешта сличното соопштение од институцијата со која раководи Вилма Русковска. Така е се до шестиот ред, каде меѓу цитатите на законските одредби се вели дека полицијата „обезбеди докази за сторени кривични дела… од 13 лица“.
Простата математика вели дека обвинителите сомничат 5 лица помалку од вкупниот број на лица за кои МВР вели дека сториле кривични дела.
Меѓу петте разлики, најзвучната се вика Сади Беџети
Во дописот до јавноста од обвинителството на Русковска нема ниту иницијали за осумттемина осомничени лица, туку делумен опис на нивните функции. Во соопштението на МВР, пак, има и иницијали и функции. И додека не може да се утврдат со сигурност сите пет лица за кои МВР поднело кривична пријава до обвинителството, а обвинителството засега решило да не ги гони, барем две не можат да се промашат.
Првото и секако најзвучно име кое МВР го пријавило, а тимот на Русковска решил засега да не го гони, е лицето С.Б. (62 години) „порано вработен на работно место Градоначалник на Општина Тетово“. Веројатно не случајно, полицијата се потрудила да не биде тешко да се препознае дека станува збор за Сади Беџети, прв човек на општината од 2009 до 2013 година како кадар на ДПА. Полицијата го пријавила за злоупотреба на службената положба и овластување затоа што, откако било изготвено и потпишано Решение за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект од страна на „пониските“ службеници:
„Решението истиот ден било исконтролирано и потпишано како од службеното лице Б.Н. така и од тогашниот градоначалник на Општина Тетово, С.Б.“,
пишува во соопштението на МВР.
Второто „важно“ име кое засега го нема во истрагата на обвинителството е Ј.Ѓ. И во овој случај, од МВР се потрудиле да го „скријат“ идентитетот на лицето со опис дека станува збор за „Државен правобранител на РСМ за подрачјето на општина Тетово“, на возраст од 61 година. Во Тетово, според интернет-страницата на Државното јавно правобранителство, има две правобранителки, од кои едната е Јованка Ѓорѓеска, родена 1958 година.
И таа добила кривична пријава од полицијата за истото дело како и поранешниот градоначалник Сади Беџети, но поради други причини. Имено, откако предметот на крај дошол кај правобранителката:
„Ј.Ѓ. на 11.05.2012 година изготвила и потпишала документ ,Дава мислење’ со кој ги озаконила/легализирала противзаконските постапки претходно сторени од страна на: Ц.Н., сопственик на приватно правно лице и Ј.Ј., И.Р. и М.И. сите вработени во Одделението за имотно-правни работи Тетово и на тој начин овозможила противзаконита приватизација на земјиште сопственост на РСМ, предизвикувајќи штета на Буџетот на државата од десетици милиони денари“,
се наведува во соопштението на МВР.
Засега нема затворски притвор за случајот тежок 860.000 евра, па ни за судијата Теофиловски
Додека првоосомничениот судија и член на Судскиот совет Зоран Теофиловски е во бегство, обвинителството побара притвор за шест од осумте осомничени лица. Доцна вечерва известија дека судија на претходна постапка не им ги прифатил предлозите.
„Судијата на претходна постапка на четири осомничени лица со решение им определи мерка куќен притвор, а за еден осомничен се определени мерки на претпазливост. За двете лица за кои обвинителството предложи мерки на претпазливост, судот ќе одлучува во текот на утрешниот ден за кога лицата се повикани да се јават пред судијата на претходна постапка“,
велат од ОЈО за гонење на организиран криминал.
Но, од обвинителството не објаснија за кого конкретно барале и не добиле притвор. Тоа е важно пред се за првоосомничениот, судијата Зоран Теофиловски. Соопштението, сепак, сугерира дека иако тој е во бегство, судот засега не му определил таква мерка.
„По добивање на известувањето од страна на правосудната полиција за постапување по наредбата за приведување и претрес на домот на првоосомничениот, кој е недостапен на органите на прогонот, доколку судијата на претходна постапка согласно своите надлежности му определи мерка притвор, обвинителството ќе издаде Наредба за распишување на национална и меѓународна потерница“,
пишува во соопштението на ОЈО за гонење на органзиран криминал и корупција.
Како само Теофиловски успеа на време да им избега на полицијата и обвинителството, засега може само да се претпоставува. Така и ќе остане, доколку не биде обезбеден.
Но, зошто МВР пријави 13 лица, а обвинителството реши да гони само 8, јавноста заслужува објаснување.