Гостиварското обвинителство денеска излезе со детали за сообраќајната несреќа во која загина 23-годишниот полицаец Петар Ѓурчиновски, кој вчера беше погребан во родното Тумчевиште, Гостиварско. Во несреќата беше тешко повреден уште еден полицаец.
Според првичните наоди, полицајците обезбедувале место на автопатот Тетово-Гостивар, кај клучката за селото Тумчевиште, на кое се случила сообраќајна несреќа. Затоа сообраќајот го пренасочувале на десната лента.
„Лице кое управувало со автомобил со кичевски таблички не се придржувало кон прописите и не ја приспособило брзината на движење според условите и состојбата на патот. Стигнувајќи на критичното место на кое полициски службеници ги пренасочувале возилата во десната сообраќајна лента поради претходно настанатата сообраќајна несреќа, тој започнал да ги заобиколува возилата кои се движеле бавно и преминал во левата брза сообраќајна лента“,
велат од обвинителството.
Во тој момент возачот изгубил контрола врз возилото, удрил во бетонската ограда која го дели автопатот и во двајца полициски службеници.
„Од ударот еден од полициските службеници бил исфрлен на спротивната страна од автопатот наменета за движење кон Тетово, каде што на него налетало патничко возило со тетовски регистарски ознаки. Како резултат на повредите здобиени во несреќата, полицаецот починал. Вториот полициски службеник, пак, се здобил со фрактура на раката и повреди на грбот и е задржан на лекување. Со телесни повреди се здобиле и возачот и патниците во вториот автомобил кои се пуштени на домашно лекување“,
соопштија од обвинителството.
Од гостиварското обвинителство побарале краткотраен притвор за возачот на автомобилот кој првично удрил во полицајците. Тој се товари за сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Судија на претходна постапка му определил притвор од 48 часа.