Освен што назначи нов генерален секретар, Владата донесе и одлука со која се предвидува проширување на канцеларијата на премиерот со три нови секретаријати: за организација и администрација, комуникации и јавни политики и за мониторинг и поддршка на институциите
Конституирање три нови секретаријати во рамки на кабинетот на премиерот, предвидуваат измените на Одлуката за формирање канцеларија на претседателот на Владата, која вчера е објавена во „Службен весник“.
Со измените се додаваат пет нови члена во Одлуката, со кои се предвидува формирање три секретаријати и се уредува нивниот кадровски состав и начинот на функционирање:
- Секретаријат за организација и администрација на работата на претседателот на Владата на Северна Македонија;
- Секретаријат за комуникации и јавни политики;
- Секретаријат за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата;
Како што е предвидено со Одлуката, со секретаријатите раководат секретари кои ги именува и разрешува премиерот. Секретарите за својата работа му одговараат на премиерот. Во работата на секретарот на секретаријатот му помагаат помошници-секретари, кои, исто така, ги именува и ги разрешува претседателот на Владата и тие одговараат пред него за својата работа.

Платата на секретарот и на помошници-секретарите ја определува премиерот, при што соодветно се зема предвид Одлуката за утврдување коефициенти за пресметување на платата на функционерите што ги именува Владата.
На вчерашната седница Владата го избра доскорешниот пратеник од СДСМ, Мухамед Зекири, за генерален секретар и тој ќе раководи со Генералниот секретаријат на Владата.
Според последните податоци, засега 54 лица се наоѓаат на листата вработени во канцеларијата на премиерот Заев. Меѓу нив се и 23 советници на премиерот.
Според калкулациите на ВМРО-ДПМНЕ, вкупната сума што се дава за нето-плати за советниците на премиерот секој месец изнесува над 20 000 евра.
Од СДСМ, пак, велат дека за 91 советник на експремиерот Никола Груевски годишно се одвојувале над 1,7 милион евра од буџетот.
Владата во изминатиот период избра и неколку национални координатори за различни области.
Претходно, при формирањето на овој кабинет на Заев, тој ги укина позициите министер без ресор, така што новата влада има седум члена помалку од претходната.