Темата за предвремени избори минатата недела ја актуализира премиерот Христијан Мицкоски, кога одговарајќи на новинарско прашање, рече дека доколку опозицијата поднесе барање во Собранието, неговата ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори позитивно
Собранискиот спикер Африм Гаши е убеден дека во државата нема да се случат предвремени парламентарни избори. Ова тој го соопшти на денешниот брифинг со новинарите, посочувајќи дека ваквото убедување го темели на неговата политичка интуиција, но и на политичките изјави што деновиве се пласираат во јавноста.

Коментирајќи ја денешната редовна координација со првите луѓе на пратеничките групи во Собранието, Гаши посочи дека со претставникот на партијата Левица е отворено прашањето за Изборниот законик поради изнесените ставови во однос на предвремените избори.
Според него, потребно е да се разговара и доколку има подготвеност, работната група во Собранието и координаторите треба да ја продолжат комуникацијата за Изборниот законик.
За законот за правична застапеност Гаши посочи дека има разговори со лидерите, но негираше дека меѓу нив е и Али Ахмети, претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Темата за предвремени избори минатата недела ја актуализира премиерот Христијан Мицкоски, кога одговарајќи на новинарско прашање, рече дека доколку опозицијата поднесе барање во Собранието, неговата ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори позитивно.
„Оваа влада ја доби довербата од граѓаните да го води мандатот од четири години. Имаме редовни избори во април 2028 година, но ако опозицијата поднесе бара во парламентот за предвремени избори, ние сме тука, ќе одговориме позитивно, ќе имаме избори и ќе ги победиме“,
рече тој на 11 септември.
Потоа, опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) ја поздрави изјавата на премиерот за подготвеноста на неговата ВМРО-ДПМНЕ да оди на предвремени парламентарни избори, доколку во Собранието има такво барање.
Сметаат дека подготвеноста да се бараат решенијата преку институциите и преку волјата на граѓаните е одговорност што треба да се поздрави.
