„Дознав за тие закани што се напишани на социјалните медиуми од ова лице – дека сум бил свиња и дека ќе ме колел на плоштад. Упатил и пцовки кон мене и моето семејство. Јас сум сепак институција, кога не би бил ова – знам како се решаваат тие работи“, рече премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски очекува случајот околу заканите што биле упатени до него преку социјалните медиуми да добие соодветна правна разврска од надлежните органи, откако денеска Обвинителството информира дека повело постапка против 39-годишен жител на кумановското село Черкези.
Мицкоски појасни дека за заканите дознал вчера и откри што содржеле.
„Дознав за тие закани што се напишани на социјалните медиуми од ова лице – дека сум бил свиња и дека ќе ме колел на плоштад. Упатил и пцовки кон мене и моето семејство. Јас сум сепак институција, кога не би бил ова – знам како се решаваат тие работи“,
рече Мицкоски.
Тој вели дека институциите постапуваат согласно нивните законски надлежности и лицето веќе е обезбедено од страна на полицијата.
Мицкоски изрази надеж дека правосудниот систем ќе ја доврши постапката и ќе го спроведе осомничениот онаму каде што му е местото.
Од Основното јавно обвинителство Куманово денеска информираа дека до судија на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор за осомничениот поради ризикот од бегство, а особено поради фактот што тој се јавува како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство, лихварство и поголем број прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.
Од Обвинителството велат дека станува збор за конфликтна личност која влегува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители, па се оценува дека постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици со кои се заканува.
