Кога целосна македонска јавност слушна како се земале парите на искрените поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ но и на оние кои биле уценувани, очекував дека сите обвинети ќе признаат вина, очекував извинување до македонската јавност, рече судијата Трпков во дел од неговото излагање при читањето на пресудата
Покрај казните, судот изрече конфискација на сиот имот, односно два стана на „Бихаќка„ ( соседните каде што живееше Груевски), плацовите на Водно со површина од околу 11 000 квадратни метри, две парцели во Крушево и трите стана во „Панорама Резиденс“
Три затворски казни и две условни казни изрече денеска судечкиот совет на чело со судијата Илија Трпков во случајот „Плацови на Водно. Казните за обвинетите се:
- Никола Груевски – 7 години затвор
- Сашо Мијалков – 1 година и 3 месеци затвор
- Јордан (Орце) Камчев – 1 година затвор
- Ристо Новачевски – условна казна односно две години затвор кои нема да се извршат ако во рок 5 години од правосилноста не стори ново кривично дело
- Ненад Јосифовиќ – условна казна, две години односно две години затвор кои нема да се извршат ако во рок 5 години од правосилноста не стори ново кривично дело
- Ратка Куновска-Камчева – ослободена од обвинение со оглед дека обвинението за неа е застарено.
Покрај казните, судот изрече конфискација на сиот имот, односно два стана на „Бихаќка“ ( соседните станови каде што живееше Груевски), плацовите на Водно со површина од околу 11 000 квадратни метри, две парцели во Крушево и трите стана во „Панорама Резиденс“ со вкупна површина од околу 750 квадратни метри. Обвинителката Лиле Стефанови рече дека конфискацијата е особено важна во овој случај и нагласи дека во моментот пазарната вредност на сиот овој имот е околу три милиони евра.
Груевки, пак, дополнително доби и парична казна од 3 500 евра.
Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.
Сите обвинети, освен Груевски кој е во бегство, со нивните адвокати дојдоа во судница за да ја слушнат судската одлука. Во судницата при читањето на пресудата, на монитори се прикажуваше и шема како се движеле парите кои потекнуваат од донации во ВМРО-ДПМНЕ, а потоа биле пуштани преку офшор фирми. Судијата Илија Трпков, ваквата графика ја нарече „Белизе шема”.
На шемата, како што рече тој, се гледа како македонските пари прават прошетка до Белизе и како преку Стопанска Банка А.Д. Битола се враќаат во земјава, но и како парите на Камчев одат до Белизе, а потоа се враќаат во Орка Холдинг.
„Кога целосна македонска јавност слушна како се земале парите на искрените поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ но и на оние кои биле уценувани, очекував дека сите обвинети ќе признаат вина, очекував извинување до македонската јавност”,
рече судијата Трпков во дел од неговото излагање.
Како течеше судскиот процес
Во текот на овој судски процес обвинителството тврдеше дека Груевски, обвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот, со пари кои биле донација за ВМРО-ДПМНЕ прибавил 1,3 милиони евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал имот. Имотот кој го опфаќаше обвинението беа плацови на Водно, станови во Скопје и земјиште во Крушево. Во шемата на купување имот, според обвинителството, биле вклучени и офшор фирми односно била искористена компанијата „Сирах лимитет“ од Белизе во сопственост на обвинетиот Јосифовиќ, и преку неа се отворила фирма-ќерка во Македонија, „Сирах Инженеринг“, за чиј управител бил назначен кумот на Груевски од првиот брак, обвинетиот Новачевски. Новачевски, според обвинението, за експремиерот го купил и земјиштето во Крушево.
Во завршницата на овој судски процес, бизнисменот Камчев, кој исто така е вклучен во понатамошното препродавање на атрактивните парцели на Водно, тврдеше дека кога Јосифовиќ од објавувањето на „бомбите“ дознал дека неговата фирма од Белизе се поврзува со овој имот, му се обратил за помош. Со оглед дека, според тврдењата на Камчев, Груевски преку неговата сестра Кристина Камчева прашувал дали може да го купат тој имот, тие размислиле и одлучиле да го купат, а на таков чекор меѓудругото се одлучиле, како што рече бизнисменот, и поради одмаздљубивниот карактер на тогашниот премиер.
Кога даваше одбрана, Камчев во своето сведочење спомена и нов имот – три луксузни стана во зградата „Панорама рездиденс“ за кои тврдеше дека Груевски ги трампал за земјиштето. Истите станови, како и останатиот имот на барање на обвинителството беа замрзнати.
Одбраната на Камчев во завршните зборови не ги негираше дејствијата на бизнисменот, но побара ако тој треба да одговара, тоа да биде за кривично дело со поинаква правна квалификација. Според завршните зборови на неговиот адвокат Еленко Миланов на минатото рочиште, делото перење пари кое е предмет на овој судски процес, според допрецизираниот обвинителен акт, е сторено во периодот од октомври 2012 до септември 2013 г., а неговиот клиент се инволвира во случајот дури во периодот од јули до октомври 2015 година. Така, како што рече адвокатот, ако треба тој да одговара тоа треба да биде за помагање на сторител по извршено кривично дело.
„Се согласувам со завршните зборови на моите адвокати и, исто така, пред овој судечки совет сакам да се покаам во врска со делото помагање на сторител по извршено кривично дело“,
рече и самиот Камчев во своите завршни зборови.
И обвинетиот Новачевски кога даваше одбрана зборуваше за дејствијата на Груевски. Кажа дека експремиерот од него побарал да биде управил на „Сирах инженеринг“, како и дека по желба на кумашинот го купил државното земјиште во Крушево.
„Жалам за стореното, бев искористен“,
рече Новачевски во неговите заврши зборови.
Одбраната на Ненад Јосифовиќ, кој е краен сопственик на „Сирах Лимитед“ од Белизе, во своите завршни зборови порача дека тој не учествувал во ништо односно дека компанијата ја основал за свои бизнис интереси, а потоа кога му побарале слободна фирма, тој се согласил да даде полномошно да се отвори фирма-ќерка во земјава и не знаел за што се користи односно дека фирмата се поврзува со Груевски слушнал кога почнаа да се објавуваат „бомбите“ во 2015 година.
Исказите на овие тројца обвинети, обвинителката Лиле Стефанова во завршните зборови кажа дека ги цени. За Камчев и Јосифовиќ рече дека иако тоа го кажале на крајот од судската постапка, исказите се олеснителни околности и побара казните за нив да се движат кон законски предвидената минимална казна. За Новачевски, пак, Стефанова рече дека е единствениот обвинет кој уште од отворањето на истрагата ги опишал начинот и дејствијата на извршување и со тоа придонел во откривањето на сторителите и кривичните дела, па од тие причини побара судот да му изрече условна казна.
Во пресрет на изрекување на денешната пресуда, за Груевски и Мијалков, обвинителката побара строги казни. За експремиерот рече дека треба да му се изречат максимални затворски казни за делата за кои се гони, додека за неговиот братучед и поранешен шеф на УБК побара изрекување на повисоки казни во рамки на границите предвидени со закон за делата кои му се ставаат на товар.
На Груевски му се судеше во отсуство со оглед дека е во бегство во Будимпешта, но овој судски случај тој постојано го коментираше преку социјалните мрежи, па по исказите на дел од обвинетите кои го инволвираа него, обвини дека Камчев се испазарил, а Новачевски бил под голем притисок.
И Мијалков кој според тезата на обвинителството давал совети и упатства и ставал средства на располагање за да му овозможи на Груевски да го купи имотот, а потоа и да го прекрие, отфрлаше каква била вина.
„Обвинителството се обиде да даде конструирани или монтирани докази да се потврди тоа што го пишува во обвинението. Сакам да потенцирам дека дури ни тие докази кои беа понудени, а тоа се двата исказа на сведоците Александар Ивановски (Алек Теранова) и Мето Стојчевски, не го потврдуваат тоа“,
рече Мијалков во завршните зборови додавајќи дека дури и да е точно тоа што се тврди, тој не би можел да знае дека Груевски купувал имот со нелегално стекнати пари.
По споменувањето на трите стана во „Панорама резиденс“, во завршните зборови обвинителката Стефанова за Мијалков кажа и дека додека беше во бегство лани во февруари, при претрес на неговиот автомобил биле пронајдени договори во врска со овој имот, додека неговите адвокати потоа возвратија дека тоа не е точно и оти такви документи не се прикажани како докази.
За „Плацови на Водно“ обвинението беше поднесено на 12 мај 2021 година, Кривичниот суд го прифати на 22 јуни истата година, а стартот на судскиот процес беше закажан за 16 јули лани.