Лидерот на Алијансата за Албанците најави дека ќе се залага албанскиот јазик да влезе под тој назив во Уставот, во преговорите за составување на идната влада, кои, според него, ќе почнат по 4 август
Уставни измени за албанскиот јазик да влезе под тој назив во македонскиот Устав, наместо сегашната формулација „јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ е една од заложбите со кои планира да настапи лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, во преговорите за формирање на идната влада.
Одговарајќи на прашање на денешната прес-конференција дали се слуша почесто со Зоран Заев од СДСМ или со Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, во контекст на разговорите за формирање влада, Села одговори дека засега не контактира ниту со едниот ниту со другиот.
„Деновиве контактирав само со една госпоѓа од Собранието, која ме информира дека во вторник ќе има конститутивна седница“,
одговори Села посочувајќи дека преговорите за формирање на владата би почнале по 4 јули.
На прашање за честитката од Еди Рама до Али Ахмети за изборниот резултат, Села рече дека е нормално премиер на Албанија да честита на политичар во Северна Македонија за завршени избори.
„Јас не очекувам еден политичар од Албанија да биде упатен во изборната кражба што се случи во земјава, каде што гласаа и починати и одамна отселени. Тоа е доказ колку се во ДУИ нехумани, така што не ги почитуваат ни мртвите. Не сакам да прејудицирам кој ќе успее да состави влада. Ние веруваме во демократските принципи и признаваме дека изборниот резултат на ДУИ сега е легален, како резултат на нејзините инсталации во институциите и монизмот што го инсталираше во албанскиот блок во изминатите години“,
изјави Села.
Сепак, Села, слично како и неговиот коалициски партнер Африм Гаши, оцени дека ДУИ нема легитимитет и дека оваа партија треба да замине во опозиција, ако не успее да ја реализира идејата за премиер Албанец, на која ја базираше целата кампања.
„Проблемот во земјава е што сите овие години немаме премиер, туку имаме премиер Македонец кој не води сметка за сите граѓани. Тој проблем не се решава со избор на премиер Албанец, туку со праведен премиер кој ќе има ист третман кон сите граѓани“,
рече Села.