За раководството на „Бихаќска“ првично не е прифатлив ниту концептот „ротирачки премиер“ за кој, како што објави „Коха“, наводно, постигнале договор досега владејачките партии
СДСМ, како предводник на коалицијата која освои најмногу (46) мандати во новиот состав на парламентот ќе ги почне разговорите за состав на идната влада по конститутивната седница на Собранието, на 4 август (вторник).
Ова го потврдува за „360 степени“ висок функционер на СДСМ, посочувајќи дека се чека лидерот и потенцијален мандатар за состав на владата, Зоран Заев, да се врати од одмор.
Се очекува Заев, како новоизбран пратеник, да присуствува на конститутивната седница, по што, како што велат, од партијата би можеле да почнат преговорите за состав на новата влада. Согласно со уставните рокови, најдоцна до 14 август претседателот Стево Пендаровски би требало да го определи мандатарот, кој во наредните 20 дена, што би значело до почетокот на септември, би требало да ја состави новата влада и да поднесе до парламентот програма за работа.
Соговорници од СДСМ тврдат дека засега не се водат преговори со другите парламентарни партии за состав на владата, а за информацијата што ја пренесе „Коха“ дека е постигнат договор меѓу коалаицијата „Можеме“ и ДУИ велат дека е „лажна вест“.
За СДСМ првично не е прифатлив ниту концептот „ротирачки премиер“ за кој, како што објави „Коха“, наводно исто така постигнале договор досега владејачките партии, така што една година на чело на Владата би бил претставник на ДУИ, а другите три години премиерот би бил од СДСМ.
На „Бихаќска“ се сомневаат дека пласирањето на ваков концепт за избор на премиер е обид на ДУИ да го релативизира своето главно барање за време на изборите – за прв премиер Албанец во Северна Македонија.
Во тој контекст, од раководството на СДСМ потсетуваат на, како што велат, јавната изјава на Заев дека не прифаќа уцени со какви што настапуваше ДУИ.
„За СДСМ таква работа не е прифатлива. Сепак, ќе покаже времето до каде ќе стигнеме во преговорите“,
вели функционер на СДСМ, по информациите дека е постигна договор за обновување на колаицијата со ДУИ.