„Верувајте ми, ова законско решение нема да ја реши состојбата со семејното насилство, но гарантирам дека ќе даде подобри резултати од оние што ги имаме сега“, изјави министерот за внатрешни работи во вечерашното гостување во централниот Дневник на телевизија Сител
Во Собранието е поднесено ново законско решение за превенција од семејно насилство со кое, меѓу другото, се воведува можност за употреба на електронски алки за следење на насилниците и осомничените лица по судска одлука. Ова вечерва го соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во гостувањето во централниот Дневник на телевизија Сител.

Според министерот, на текстот на законот се работело интензивно во изминатите пет до шест месеци, заедно со Министерството за социјална политика, демографија и млади, граѓанскиот сектор, експерти, универзитетски професори, судии и обвинители. Со измените, полицијата треба да добие поголеми овластувања за итна реакција и зајакнати механизми за постапување.
„Верувајте ми, ова законско решение нема да ја реши состојбата со семејното насилство, но гарантирам дека ќе даде подобри резултати од оние што ги имаме сега“,
кажа Тошковски, додавајќи дека очекува пратениците да го изгласаат законот во најкраток можен рок.
Употребата на електронски алки може да се финансира од приходите од сообраќајните казни
Прашан во однос на финансирањето на употребата на електронските алки како мерка, Тошковски се согласи со констатацијата на новинарот дека за таа намена може да се искористи дел од приходите од сообраќајните казни, од кои на годишно ниво се очекуваат околу 10 милиони евра. Како што појасни, една четвртина (25 проценти) од овие средства завршуваат директно во буџетот на Министерството за внатрешни работи (МВР) и законски можат да се пренаменат за унапредување на безбедноста, вклучително и за заштита од семејно насилство.
Осврнувајќи се на сè почестите пријави за семејно насилство, министерот рече дека ја разбира загриженоста во јавноста, но оцени дека бројките се должат пред сè на измените во Кривичниот законик и поголемата доверба кај жртвите да пријавуваат.
Во однос на ова прашање Тошковски изнесе конкретни статистички податоци за 2026 година. Според него, оваа година, по измените на Кривичниот законик, кога во рамки на семејството има пријавена телесна повреда, МВР по службена должност презема кривично гонење, што придонело за зголемување од околу 50 проценти на бројот на кривични постапки во споредба со претходната година.
Тој посочи и дека во 2026 година има зголемување од 270 проценти на изречените мерки притвор поврзани со семејно насилство, наведувајќи дека 163 лица се во притвор или биле во притвор во текот на годината за кривични дела поврзани со овој вид насилство.

Тошковски, говорејќи на темата, рече дека од почетокот на оваа година се регистирани седум смртни случаи како последица на семејно насилство, што, според него, е идентична бројка како во 2022 година и доказ дека зголемениот број пријави не значи автоматски и раст на реалниот број случаи.
„Факт е дека пријавите во Министерството за внатрешни работи оваа година се далеку побројни отколку претходно. Јас сакам да верувам дека тоа е така затоа што жртвите се охрабрија да пријавуваат, гледајќи партнер во рамки на Министерството за внатрешни работи како институција“,
изјави Тошковски.
Има политичка злоупотреба на трагичните случаи, смета Тошковски
По критиките упатени до полицијата по неодамнешното убиство на 17-годишната девојка од Богданци, Тошковски оцени дека трагичните настани се користат за политички поени.
„Морам да ги осудам политичките злоупотреби што очигледно се прават во изминатиов период на сметка на трагичните случаи што ни се случуваат. Фактичката состојба е таа, ја кажав“,
рече министерот, посочувајќи дека вкупниот број убиства во државата, заклучно со октомври, е на најниско ниво во последните шест години.
Тошковски заклучи дека ниту едно законско решение само по себе не може целосно да го искорени семејното насилство, но дека обврска на државата е да создаде услови за многу побрза и поефикасна институционална реакција.
