Сведокот на одбраната, Драган Василевски, во исказот на денешното рочиште од судскиот процес што се води против 13 полицајци во врска со „Пулс“, пред судот ијави дека на полициските инспектори од Пробиштип не им било наложено да носат униформа, не биле предупредени за посебни ризици, ниту биле запознаени со постоење на оперативен план
Полициските службеници Мартин Арсовски и Дарко Милошевски од Пробиштип, кои се меѓу обвинетите 13 полицајци во предметот поврзан со трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“, биле испратени во Кочани без претходно да бидат запознаени со конкретните задачи, ниту, пак, знаеле дека ќе учествуваат во контрола на угостителскиот објект. Ова на денешното судско рочиште го изјави Драган Василески, виш инспектор за економски криминалитет во Одделението за внатрешни работи Пробиштип, кој даде исказ пред судот како сведок на одбраната.

Одговарајќи на прашања на одбраната, Василески посочи дека на 14 март 2025 година добил наредба од тогашниот началник на ОВР Пробиштип да определи двајца инспектори за службени активности на подрачјето на ОВР Кочани за следната вечер.
„Ниту јас ниту колегите Дарко и Мартин не знаеја кои конкретни активности ќе ги извршуваат во Кочани. Едноставно, беше кажано во 20:30 часот со службено возило да се јават на бензинска пумпа во Кочани, каде што ќе бидат пречекани од полициски службеници од ОВР Кочани и ќе извршуваат одредени службени задачи“,
рече Василески, пренесе МИА.
Тој додаде дека на инспекторите не им било наложено да носат униформа, не биле предупредени за посебни ризици, ниту биле запознаени со постоење на оперативен план. Ниту Василески ниту инспекторите од Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Пробиштип не учествувале во подготовката на акцијата, а до кобната ноќ, според сведокот, никој од нив не ни слушнал за „Пулс“.
Од разговорите што ги водел со обвинетите по пожарот, Василески дознал дека тие првично биле распоредени на други локации во Кочани и околината, а дури подоцна добиле задача за „Пулс“. Околу 2:30 часот по полноќ, заедно со колеги од ОВР Кочани, влегле во објектот со задача да проверат лице осомничено за поседување наркотични средства. Прегледот го извршиле кај тоалетите, каде што пронашле сомнителна материја, а при излегувањето забележале дека гостите почнуваат панично да го напуштаат локалот и дека настанува метеж.
Одбраната тврди дека полицајците не биле внатре при активирањето на пиротехниката
Адвокатот Зоран Зафировски, бранител на обвинетиот полициски службеник Мазлум Рамаданов, по завршувањето на рочиштето оцени дека денешното сведочење ја потврдува тезата на одбраната за невинoст на неговиот клиент и на колегите од Пробиштип.
„Се докажа дека Мазлум Рамаданов со двајца полициски службеници од Пробиштип, Мартин и Дарко, спровеле легитимирање на лице, а воедно пронашле и предмет, како и наркотична дрога. Тоа било на самиот излез од дискотеката, воопшто не влегле внатре. Со тоа се докажа дека целосно постапиле по акцискиот план, доста успешно. Не биле внатре во дискотеката кога била активирана пиротехниката, поради што сметаме дека се докажа нашата теорија на случај и ние како одбрана сме сигурни дека ќе бидат ослободени од одговорност“,
изјави Зафировски.

Реакција на родителите: Вие барате оправдувања, ние ги слушаме криците на нашите деца
На пауза од рочиштето, во име на родителите на загинатите се обрати Александар Наунов, родител на загинато дете во пожарот и претседател на Здружението „16 Март“, истакнувајќи дека секое судење за семејствата е повторно преживување на трагедијата. Тој остро реагираше на, како што рече, префрлањето на вината и повикувањето на усни наредби.
„Додека ние ги преживуваме најстрашните моменти од нашите животи, во судницата слушаме паушални одговори, оправдувања, префрлање вина и некакви усни наредби. Денеска слушаме дека полициските службеници од Пробиштип не биле информирани за целта и точките на акциската контрола. Дали е професионално да се спроведува акција без соодветна информираност и координација на службите?“,
праша Наунов.
Тој отвори го отвори и прашањето дали поинаква организација и навремено обезбедување коридор за евакуација можеле да спасат барем дел од жртвите.
„Додека вие барате оправдување, ние во мислите ги слушаме последните крици на нашите деца. Вие имамте право на одбрана. Нашите деца немаа право на втора шанса“,
кажа Наунов.

За што им се суди на 13-те полициски службеници
Судскиот процес се однесува на катастрофалниот пожар што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а голем број беа повредени.
На обвинителна клупа седнаа вкупно 13 полициски службеници – деветмина полицајци и четворица началници (двајца од ОВР Кочани и двајца од СВР Штип). Според обвинението, тие во периодот од 14 до 16 март одобриле и спровеле план за акциска контрола без да проверат дали се опфатени сите безбедносни аспекти и без да ги почитуваат стандардните оперативни процедури за процена и управување со ризик. Кобната ноќ полицајците влегле во дискотеката во 2:20 часот по усна наредба, а пиротехниката, која се смета за непосредна причина за пожарот, била активирана среде нивната контрола.
