Реакцијата на Славески се однесува на делот од соопштението во кој социјалдемократите од Бихаќка го обвинуваат гувернерот дека институцијата со која раководи ги поднела кривичните пријави против четворица високи функционери на партијата по наредба на премиерот Христијан Мицкоски
Јавното обвинителство и Народната банка вчера потврдија дека НБРСМ поднела кривични пријави во врска со јавно изнесени сериозни и непоткрепени обвинувања поврзани со Алта банка
Гувернерот на Народната банка на Македонија, Трајко Славески, преку објава на социјалните мрежи реагира на денешното соопштение од Социјалдемократскиот сојуз, во кое од опозициската партија ги коментираа кривичните пријави што централната банка деновиве ги поднела против четворица функционери од највисоко раководство на СДСМ, а во врска со, како што беше наведено, јавно изнесени сериозни обвинувања поврзани со Алта банка АД Битола.

Реакцијата на Славески се однесува на делот од соопштението во кој социјалдемократите од Бихаќка го обвинуваат гувернерот дека институцијата со која раководи ги поднела кривичните пријави по наредба на премиерот Христијан Мицкоски.
Во, условно кажано, одговорот до опозициската партија, Славески вели дека последната наредба што ја примил и извршил била онаа од неговите страшини за време на отслужувањето на воениот рок во поранешната Југословенска народна армија (ЈНА) во првата половина 1980-години на минатиот век.
„Го натерал, му наредил … Што ви е вам?! Последната наредба што ја примил и извршил војникот Т. Славески е од своите старешини за време на отслужување на воениот рок во поранешната ЈНА во далечната 1983/84 година на Косово“,
напиша гувернерот на Народната банка на социјалната платформа Икс.
Го натерал, му наредил … Што ви е вам?! Последната наредба што ја примил и извршил војникот Т. Славески е од своите старешини за време на отслужување на воениот рок во поранешната ЈНА во далечната 1983/84 година на Косово https://t.co/E51wncGGMJ
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) November 12, 2026
За потсетување, Јавното обвинителство и Народната банка вчера потврдија дека НБРСМ поднела кривични пријави во врска со јавно изнесени сериозни и непоткрепени обвинувања поврзани со Алта банка.

Според информациите, станува збор за две одделни пријави со кои се бара кривична одговорност од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, потпретседателот на партијата Александар Трајановски, генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ и секретарот на Социјалдемократскиот сојуз за меѓународна соработка Андреј Жерновиски.
Коментирајќи ги пријавите, од Социјалдемократскиот сојуз сметаат дека со нив власта врши притисок и заплашување на опозицијата, копирајќи го моделот што во пресметките со своите политички противници го користел поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ.
„Граѓаните знаат дека Мицкоски сè работи по налог на Вучиќ, како што беше внесувањето на Aлта банка во Македонија, неговата лична пералница на пари. Овој пат го презема неговиот модел на кривични пријави, притисок и заплашување на опозицијата. Тоа што Вучиќ го правеше, сега Мицкоски го прави против опозицијата во Македонија. Копи-пејст (Copy-paste). Македонија станува заробена држава“,
наведоа во СДСМ во соопштението на кое реагира Славески.
Подоцна во текот на денот опозициската партија поднесе кривични пријави против гувернерот на Народната банка, Славески и против други службеници и одговорни лица во Народната банка, а во враска со последните случувања во Алта банка.
На прес-конфренција пред заградата на Јавното обвинителство, генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ рече дека како партија бараат одговорност за сите дозволиле влез на Алта банка во Македонија, без претходно да го проверат потеклото на капиталот, сопственикот на банката и ризиците од нејзиниот влез во земјава, со што, според партијата, не ги заштитиле интересите на граѓаните.
