„Црно на бело, документите покажуваат дека министрите на ДУИ предлагале и гласале точки на седници на Владата со кои на белградската Алта Банка ѝ се овозможува деловна соработка со државата. Наместо да ги штитат интересите на граѓаните, функционерите на ДУИ отворале врати за финансиски аранжмани и партнерства со банка од Србија“, рече на денешната прес-конференција, Блерим Сејдиу од Влен
Од владејачката Влен бараат Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) да поднесе оставка и да се повлече од политиката, поради, како што велат, долгогодишна соработка со структури поврзани со Србија.

На денешната прес-конференција, Блерим Сејдиу од Влен рече дека министрите на ДУИ во Владата предлагале и поддржувале одлуки со кои се овозможувала соработка меѓу државата и Алта Банка од Белград
„Црно на бело, документите покажуваат дека министрите на ДУИ предлагале и гласале точки на седници на Владата со кои на белградската Алта Банка ѝ се овозможува деловна соработка со државата. Наместо да ги штитат интересите на граѓаните, функционерите на ДУИ отворале врати за финансиски аранжмани и партнерства со банка од Србија“,
рече Сејдиу.
Ова, посочи дека е само уште еден доказ за долгогодишната политичка и деловна соработка на ДУИ со структури поврзани со српските центри на моќ. По сите обиди ваквите информации да се сокријат од јавноста, фактите денес зборуваат сами за себе.
Како примери ги наведе одлуките на министрите на ДУИ во Владата со кои, според нив, се овозможувала соработка меѓу државата и белградската Алта банка, како и проектот на Дака Давидовиќ во Тетово.
Посочи дека Давидовиќ подоцна се нашол на американската листа на санкции поради сомнежи за корупција и незаконски активности.
Меѓу другите случаи што ги издвои се и влезот на МТЕЛ, дел од Телеком Србија, на македонскиот пазар во времето на владеењето на ДУИ, поддршката на Али Ахмети за иницијативата „Отворен Балкан“, како и тендерот на Државната лотарија за онлајн игри на среќа, за кој тврдат дека бил насочен кон српски и црногорски компании.
Ги спомна и средбите на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи со претставници на српските институции, прашувајќи какви договори и резултати произлегле од нив.
„Прашањето е едно и јасно: колку докази се потребни за Али Ахмети да преземе одговорност?“,
кажа Сејдиу.
Според него, наведените случаи заслужуваат темелна институционална проверка и политичка одговорност.
„Од Алта Банка, преку Дака Давидовиќ, МТЕЛ, Отворен Балкан и спорните тендери, се создава слика за континуирана политичка и деловна поврзаност која заслужува темелна институционална проверка и политичка одговорност. Али Ахмети треба да поднесе оставка од претседателската функција во ДУИ и да се повлече од политиката. Време е да престане да ја држи партијата и нејзината иднина како заложник на сопствените политички интереси“,
додаде тој.
Претходно, од ДУИ ги отфрли како лаги и неосновани обвинувањата од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и Влен дека поранешната влада го овозможила влезот на српската Алта банка во домашниот банкарски систем.
Од партијата побараа претставниците на власта во рок од 24 часа јавно да се извинат, најавувајќи дека во спротивно ќе поднесат тужби за клевета.
„На суд ќе имаат можност да ги докажат своите тврдења и да покажат кој ги донел одлуките, кога ги донел и каква одговорност сноси. Државниот имот и интересите на државата не се предмет на политички игри. Граѓаните ја заслужуваат вистината. ДУИ бара одговорност и отчетност, а не клевети и манипулации“,
рече на денешната прес-конференција генералниот секретар на ДУИ, Арбен Адеми.
Обвинувањата кон ДУИ, кои беа дел од владата со СДСМ, вчера ги упати премиерот Христијан Мицкоски за време на надзорната расправа во Собранието посветена на состојбите во Алта банка АД Битола.
Мицкоски рече дека тогашната влада на СДСМ и ДУИ дала согласност за продажба на акции во Стопанска банка АД Битола (денешна Алта банка АД Битола) и го задолжила Државното правобранителство да стапи во комуникација со сопственикот на Алта банка Србија, Давор Мацура.
