Одговорноста за одржување на објектите и отстранување на евентуалните недостатоци е на надлежните институции и градежната компанија, но од Европската Унија посочуваат дека и студентите треба совесно да ги користат просториите на студентските домови
Доколку се утврдат какви било градежни недостатоци или технички проблеми во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, тие треба да се пријават преку соодветните канали, по што ќе бидат разгледани и отстранети од страна на одговорните изведувачи на работата – велат од Делегацијата на Европската Унија во земјава, по неодамнешната дискусија во јавноста за условите во студентскиот дом.

Од Делегацијата на ЕУ, која заедно со Владата и Германската развојна банка ја поддржаа реконструкцијата на „Стив Наумов“, велат дека нејзини претставници биле во посета на студентскиот дом и ја утврдиле фактичката состојба.
„Реновираните објекти беа официјално пуштени во употреба на 30 септември 2026 година и се во гарантен рок. Доколку се утврдат какви било градежни недостатоци или технички проблеми, тие треба да се пријават преку соодветните канали, по што ќе бидат разгледани и отстранети од страна на одговорните изведувачи на работата“,
велат оттаму.
Од Делегацијата велат дека студентите имаат право да ги изразат своите незадоволства или загрижености, кои треба да бидат сфатени сериозно, но сепак, како што додаваат, подеднакво важно е информациите што се споделуваат во јавноста бидат точни и соодветно проверени.
„Фотографии или изолирани инциденти не секогаш ја прикажуваат целосната слика, па затоа заклучоците треба да се засноваат на утврдени факти. Решавањето на реални проблеми и презентирање точни информации се од суштинско значење за заштита на интересите на студентите и за одржување на јавната доверба“,
додаваат од Делегацијата на Европската Унија.
Одговорноста за одржување на објектите и отстранување на евентуалните недостатоци е на надлежните институции и градежната компанија, но од Европската Унија посочуваат дека и студентите треба совесно да ги користат просториите на студентските домови.
Студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје изминатиот период се најде во фокусот на јавноста откако студентите во повеќе наврати се пожалија за условите за престој, иако објектот беше целосно реконструиран и повторно пуштен во употреба на крајот на септември годинава. Студентите почнаа да пријавуваат проблеми со греењето, влага и мувла во собите, протекување вода од таваните, недостиг од топла вода и дефекти на радијаторите.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли наводите дека студентскиот дом е во лоша состојба, направи обиколка низ објектот и заклучи дека сè е во ред.
