„Станува збор за студентски дом кој оваа академска година повторно прими студенти по обемна реконструкција и поради тоа ваквите проблеми дополнително отвораат прашања за квалитетот на изведените работи и за тоа дали сите недостатоци биле отстранети пред вселувањето на студентите“, велат од платформата „Студентарија.мк“ која на социјалните мрежи објави видеа од проблемите што ги пријавиле студенти сместени во овој студентски дом во Скопје
Вода што тече од плафон, неподнослива бучава од радијаторите за парно греење, вода што се разлева по под од соба. Ова се дел од проблемите со кои вчера се соочиле студенти сместени во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, кој иако беше целосно реконструиран неговите жители од почетокот на академската година во неколку наврати пријавуваат дефекти и непријатни ситуации.

Последните случувања во студентскиот дом ги сподели платформата „Студентарија“, која на својот профил на Инстаграм објави неколку видеа на кои може да се видат проблемите со кои, според нивните тврдења, се соочуваат студентите во „Стив Наумов“.
„До ‘Студентарија’ пристигнаа повеќе видеа што се споделуваат и во студентските групи. На дел од снимките може да се забележи вода која тече од плафоните на собите, додека на други се слуша исклучително гласна бучава која, според студентите, доаѓа од системот за парно греење“,
се наведува во објавата на платформата.
Оттаму посочуваат дека освен едно видео, кое е снимено пред неколку дена, сите други се направени вчера во вечерните часови.
Од „Студентарија“ потсетуваат дека станува збор за студентски дом чија реконструкција беше завршена неодамна и чинеше околу 10 милиони евра.
„Станува збор за студентски дом кој оваа академска година повторно прими студенти по обемна реконструкција и поради тоа ваквите проблеми дополнително отвораат прашања за квалитетот на изведените работи и за тоа дали сите недостатоци биле отстранети пред вселувањето на студентите“,
велат од платформата.
Проблеми со протекување вода во собите беа пријавени и пред неколку дена.
Во реакција по ваквите информации минатата сабота се огласи Министерството за образование и наука, од каде што рекоа дека станува збор за изолирани ситуации што може да настанат само по себе, посочувајќи дека објектот е под гарантен рок и изведувачот постапува и ги санира проблемите. Според образложението на Министерството, дел од проблемите настанале и поради неодговорно однесување на корисниците, односно студентите.
Од МОН велат дека раководството на домот се соочило со затната канализација поради фрлени влажни марамчиња, активиран алармен систем поради заборавена храна во вклучена микорбранова печка во чајна кујна, како и поради запалена цигара во соба. Бил регистриран случај на откорнат радијатор, паркирани автомобили на зелени површини во дворот на домот и други ситуации. Според Министерството, сите тие се надминати.
Во врска со проблемите за кои синоќа алармираа студенти сместени во овој дом засега нема реакцијата од ресорното Министерство.
Инаку, претходно минатата недела дел од медиумите објавија дека во дел од собите на реновираниот дом се забележува влага по ѕидовите. Како што пренесе тогаш „Студентарија.мк“, дел од студентите кои до нив испратиле фотографии и видеа се жалат дека на време алармирале за проблемот со протекувањето вода во собите, но немало реакција од страна на надлежните институции.
Реконструираниот дом „Стив Наумов“ беше пуштен во употреба на 30 септември и располага со капацитет за сместување на околу 1 150 студенти.
