„Тоа се директни финансиски заштеди за домаќинствата и бизнисите, што создава дополнителни можности за инвестиции и локален раст, како и потенцијално зајакнување на конкурентноста, особено за малите и средните претпријатија и извозниците“, вели вицегувернерот во публикација за Европскиот совет за плаќање, по повод една година од интегрирањето на земјава во СЕПА
Учеството на Македонија во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), веќе резултира со значителни финансиски заштеди за домаќинствата и бизнисите, што создава дополнителни можности за инвестиции и локален раст. Особено се значителни заштедите на банкарските провизии, кои се проценуваат на околу пет милиони евра. Ова го вели вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски, во публикација за Европскиот совет за плаќање, по повод една година од интегрирањето на земјава во СЕПА.

„Интеграцијата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) веќе носи практични придобивки за граѓаните и деловните субјекти, а истовремено нуди и дополнителен потенцијал за зајакнување на економијата преку иновации, дигитална трансформација, поголема конкурентност и подобрена финансиска вклученост“,
наведува вицегувернерот.
Претставувајќи ги резултатите во првата година од користењето, Величковски наведува и конкретни примери за заштедите што ги остваруваат граѓаните и компаниите преку овој начин на плаќање. Така, според него, за граѓаните испраќањето 500 евра во земја членка на СЕПА е во просек шест пати поевтино во споредба со моделот на коресподентно банкарство. Истовремено трошоците за прием на таков трансфер се намалени за половина.
„Испраќањето 20 000 евра од бизнисите до договорна страна на СЕПА сега чини девет пати помалку според системот СЕПА, со видливи намалувања и на страната на примачот. За завршување на плаќањата во евра претходно беа потребни од еден до три работни дена, а трансакциите преку СЕПА сега се обработуваат во истиот работен ден или најдоцна до следниот работен ден“,
информира Величковски.
Според неговите податоци, плаќањата преку СЕПА бележат постојан пораст, што, потенцира гувернерот, покажува дека пазарот е добро подготвен за обезбедување на овие услуги и дека корисниците сè повеќе ја препознаваат нивната практична вредност.
Вицегувернерот Величковски се осврнува и на улогата на банкарскиот сектор со обезбедениот широк пристап до СЕПА-услугите за корисниците низ целата земја.
Последните податоците, вели вицегувернерот, покажуваат дека, според бројот на влезни и излезни текови СЕПА-каналот веќе опфаќа речиси 70 отсто од трансакциите. Ова, посочува, резултира со значителни заштеди на банкарските провизии, што се проценува на околу 5 милиони евра во првата година од учеството на земјава во СЕПА.
„Тоа се директни финансиски заштеди за домаќинствата и бизнисите, што создава дополнителни можности за инвестиции и локален раст, како и потенцијално зајакнување на конкурентноста, особено за малите и средните претпријатија и извозниците“,
вели вицегувернерот Величковски во публикацијата, објави Народната банка.

Величковски оценува дека досега има зајакнување на ценовната конкуренција, додека промените во бројот и разновидноста на учесниците на пазарот се одвиваат постепено.
Тој наведува дека надоместоците за СЕПА-трансакциите значително се намалиле, а цените кај различните даватели на услуги станале сè поконкурентни.
Следен голем чекор во насока на модернизацијата на националниот платен систем, што Народната банка го посочува како приоритет, ќе бидат инстант плаќањата.
Според вицегувернерот, преминот кон инстант плаќање и усогласување со европските регулаторни стандарди не претставува само реформа на финансискиот сектор, туку стратегиски чекор кој треба да овозможи побрз економски раст и подлабока интеграција на земјата во европските и глобалните финансиски текови.
За потсетување, првите трансакции преку Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) беа направени лани на 7 октомври, ден што гувернерот на Народната банка на Македонија, Трајко Славески, го оцени како историски.
Со учеството на Македонија во СЕПА граѓаните и компаниите можат да вршат и примаат плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА под исти услови како и во Европската Унија.
Барањето за пристапување кон СЕПА беше поднесено на 10 јули 2024 година, а на 6 март 2025 година беше прифатена апликацијата од страна на Европскиот совет за плаќање.
