Наскоро се очекува и пуштање во употреба на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ кој е со капацитет од 280 легла

Реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје денеска беше пуштен во употреба. Со оваа инвестиција, на 1 150 студенти им се обезбедени модерни и енергетски ефикасни услови за престој и учење според сите европски стандарди.
Со реконструкцијата елиминирани се повеќедецениските проблеми во објектите што се градени во 1964 година и во 90-тите години.
Со реновирањето решени се долгогодишните проблеми со протекување од покривите, влага по ѕидовите, како и дефектите со парното греење и топлата вода.
Домот е претворен во енергетски ефикасен објект кој значително ги намалува емисиите на CO2 и трошоците за енергија, обезбедувајќи одржлива и еколошка средина.



Наскоро се очекува и пуштање во употреба на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ кој е со капацитет од 280 легла.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска на денешното пуштање на домот рече дека студентите сега нема да треба да се грижат за условите, туку ќе можат да се посветат само на учењето.
„Со тоа го заокружуваме првиот лот и продолжуваме со инвестицијата која опфаќа девет студентски дома и шест училишта со ресурсни центри, во вредност од 86 милиони евра, од кои 60 милиони кредит од Германската развојна банка, 22 милиони грант и четири милиони инвестиција од Министерството за образование и наука. На студентите им посакувам многу учење и многу знаење, секако и дружење, рече министерката за образование и наука“,
рече Јаневска.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека условите се меѓу најдобрите во регионот, а она што студентите треба да го прават е само да се посветат на учењето, да ги завршат студиите“, рече тој.
Според евроамбасадорот Михалис Рокасовој проект докажува оти концептот „Тим Европа“ функционира.
„Ова е одличен ден бидејќи секоја инвестиција во младите е инвестиција во нашата иднина. Очекуваме дека овој студентски дом ќе прими до 1 150 студенти, кои во одлични услови ќе можат да го прават она што најдобро го знаат: да учат и да имаат прекрасна средина за размена на идеи и ставови, за градење пријателства и за подготовка за иднината“,
рече Рокас.
Германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер, истакна оти е горда што заедно со германски партнери КФВ банката и европските партнери, заедно во соработка со Министерството за образование и наука и со Владата е реализиран овој проект, кој, како што истакна, претставува заеднички напор за да им се обезбедат подобра иднина на граѓаните на оваа држава.
