Од партијата нагласуваат дека нема да поддржат закон во кој ќе има друг начин на заокружување на гласачкото ливче поради историјата на злоупотреба на изборите во 2016 година и да нема електронско гласање на дијаспората

Опозицискиот СДСМ ги критикува владејачката ВМРО-ДПМНЕ и партијата Левица обвинувајќи ги дека во Министерството за правда договараат изборни криминали и манипулации со Изборниот законик.
Од СДСМ истакнуваат дека е провидно што ВМРО-ДПМНЕ разговара за реформски закони за ЕУ со партија како Левица, која ја нарекуваат нивни „сателит“ и за која велат дека е анти-НАТО и анти-ЕУ. Според соопштението, целта на овие разговори не е подобар законик, туку кражба на гласови.
„Организираната криминална група не сака подобар Изборен законик, туку кражба на гласови. Затоа и ја укинаа техничката влада без консензус и без согласност на СДСМ, а сега на сила туркаат решенија за манипулација на изборниот процес“,
наведуваат од партијата.
СДСМ порачува дека нема да седне на маса со, како што велат, „криминалци и нивни измислени сателити“ ниту, пак, ќе дозволи изборен грабеж.
Од партијата нагласуваат дека нема да поддржат закон во кој ќе има друг начин на заокружување на гласачкото ливче поради историјата на злоупотреба на изборите во 2016 година и да нема електронско гласање на дијаспората.
„Нема да дозволиме отворање врата за изборна кражба“,
додаваат од СДСМ.
Според СДСМ, премиерот Христијан Мицкоски е политички ослабен и со историски најнизок рејтинг, поради што се обидува да протурка законик „по рецепт на Вучиќ“ за изборна манипулација.
Од опозициската партија повикуваат на донесување Изборен законик според европски и меѓународни стандарди, кој ќе ја заштити волјата на граѓаните наместо партиските интереси.
Денеска од СДСМ не присуствуваа на средбата со членовите на работната група за реформи во изборното законодавство, кои разговараа со министерот за правда Јетон Шасивари за потребните чекори за деблокада на носењето на Изборниот законик. На состанокот беа присутни претставници на другите политички партии застапени во Собранието.
Шасивари порача дека разликите во политичките ставови не смеат да бидат пречка за унапредување на изборниот систем и создавање изборно законодавство кое ќе биде стабилно, предвидливо, транспарентно и усогласено со европските стандарди и со препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Тој најави дека во следниот период ќе побара средба со пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, за да разговараат за потенцијална деблокада на процесот на носење на новиот Изборен законик од страна на Социјалдемократскиот сојуз.
