Од Министерството за транспорт ги отфрлаат споредбите со возила на компримиран природен гас (CNG), оценувајќи ги како паушални и несоодветни поради разликите во погонот, капацитетот и техничките карактеристики

Владата преку Министерството за транспорт спроведе набавка на нови електрични еколошки автобуси, што претставува прва голема набавка од ваков тип по 14 години, со цел намалување на аерозагадувањето, решавање на сообраќајниот метеж и подобрување на јавниот градски превоз во Скопје и другите општини, велат од Транспорт.
Реакцијата од Министерството доаѓа откако денеска од Центарот за граѓански комуникации објавија истражување во кое посочуваат дека тендерот за набавка е спроведен трипати за 15 месеци, при што во вториот тендер унгарскиот „Икарус“ и кинескиот „Зонгтонг“ настапиле како конкуренти, а во третиот доставиле заедничка понуда, која потоа е избрана за најповолна.
Од ЦГК посочуваат дека победничката понуда, во која како подизведувач се јавува и ЕВН Македонија, не е најниска и е избрана откако две поевтини понуди беа отфрлени. Вредноста на набавката е 60 милиони евра, од кои 57 милиони за автобусите и три милиони евра за станиците за полнење.
Од Министерството во соопштението велат дека постапката била јавна и транспарентна, спроведена согласно Законот за јавни набавки, при што преку електронска аукција е постигната единечна цена од 321 958 евра без ДДВ по автобус.
Во соопштението се наведуваат и дел од техничките спецификации на возилата, односно дека тие ќе имаат најмалку 33 седишта и вкупен капацитет за 67 патници. Ќе имаат три врати, автоматизиран клима-уред, платформа за лица со инвалидитет, дисплеи за линии и станици.
Автобусите, велат од министерството, имаат максимална моќност од најмалку 350 киловати на електромоторот, со најсовремени системи за кочење и безбедност како и со стандарден капацитет со кој целосно се задоволуваат потребите за превоз на патници по европската директива 2018/858 и согласно ИСО-стандардите 15118.
Од Министерството за транспорт ги отфрлаат споредбите со возила на компримиран природен гас (CNG), оценувајќи ги како паушални и несоодветни поради разликите во погонот, капацитетот и техничките карактеристики. Како соодветна паралела го посочуваат примерот од Загреб, каде што биле набавени 62 електрични автобуси за 56,8 милиони евра.
Набавката, според надлежните, претставува стратешка инвестиција која покрај еколошките придобивки ќе донесе и долгорочна економска исплатливост преку намалени трошоци за гориво и одржување.
Инаку, во истражувањето на ЦГК се посочува и дека идните електрични автобуси ќе имаат значително помал капацитет од сегашните на ЈСП „Скопје“. Новите автобуси ќе имаат капацитет од 66 патници, што е за 20 места помалку од последно купените автобуси од Град Скопје и за 30 од автобусите донирани од Европската Унија.
