Со поднесените кривични пријави против Венко Филипче, Александар Саша Димитријевиќ, Андреј Жерновски и Александар Трајановски, според СДСМ, власта врши притисок и заплашување на опозицијата
Со кривичните пријави против СДСМ, премиерот Христијан Мицкоски панично ја штити банката на Александар Вучиќ од истрагата во Србија – коментираат од опозициската партија откако Народната банка поднела кривични пријави против четворица функционери од највисоко раководство на СДСМ во врска со, како што беше наведено, јавно изнесени сериозни обвинувања поврзани со Алта банка АД Битола.

Со поднесените кривични пријави против Венко Филипче, Александар Саша Димитријевиќ, Андреј Жерновски и Александар Трајановски, според СДСМ, власта врши притисок и заплашување на опозицијата.
„Граѓаните знаат дека Мицкоски сè работи по налог на Вучиќ, како што беше внесувањето на Aлта банка во Македонија, неговата лична пералница на пари. Тоа што Вучиќ го правеше сега Мицкоски го прави против опозицијата во Македонија. Копи-пејст. Македонија станува заробена држава“,
велат од СДСМ, додавајќи дека 11 месеци предупредувале за Алта банка.
Партијата обвини дека премиерот и гувернерот во земјава внеле забранета банка во Европа, а по информациите за истрага во Србија, одземањето на лиценцата и апсењето на сопственикот Давор Мацура, веднаш го обвиниле СДСМ дека шири паника во јавноста. Не СДСМ, велат оттаму, туку Мицкоски и Славески шират паника.
„Ајде да видиме дали обвинителот Савески ќе биде дел од ова и ќе стане соучесник на оваа организирана криминална група“,
велат од СДСМ.
Јавното обвинителство и Народната банка вчера потврдија дека НБРСМ поднела кривични пријави во врска со јавно изнесени сериозни и непоткрепени обвинувања поврзани со Алта банка.
