Од почетокот на пандемијата предизвикана од ковид-19 досега се регистрирани 116 милиони случаи во светот. Според податоците на „Ворлд о метер“, од овие 116 милиони досега битката со вирусот ја изгубиле 2,5 милиони луѓе ширум светот.
Во моментов, активни се околу 22 милиони случаи потврдени дека се позитивни на ковид-19, а оздравени се повеќе од 91 милион.
САД и понатаму се први по бројот на заразени и починати, со 29,4 милиони заболени и над 530 илјади смртни случаи.
На второ место по бројот на заболени се наоѓа Индија со над 11 милиони инфицирани лица, а на трето место е Бразил со повеќе од 10 милиони заразени.
Според бројот на починати, на второ место во светот се наоѓа Бразил со 259 илјади смртни случаи, на трето место е Индија со 157 илјади, а на четврто место е Велика Британија со 124 илјади смртни случаи.
Во последниов период бројот на новозаразени расте и во светот и во регионов.
Според анализи на податоците, на 100 илјади граѓани, Србија е на четврто место по бројот на новозаболени со ковид-19 во Европа. Оваа информација вчера ја соопшти, директорот на канцеларијата на Светската здравствена организација во Србија, Марјан Ивануша.
Главниот епидемиолог на Србија Предраг Кон оцени дека епидемиолошката состојба во Белград е катастрофална и најави дека ќе побара целосно затворање на сите угостителски објекти најмалку седум дена. Според него, неприфатливо е мерките да бидат благи, како што е случајот сега, бидејќи состојбата е лоша.
Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин и со воведен полициски час, со исклучок на мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерки, додека пак областа Атика, поширокиот регион на Атина во строг карантин е веќе 20 дена. Од денеска до 16 март, во Грција се воведуваат построги мерки, со кои се ограничува движењето и се зголемуваат контролите, објави попладнево заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас.
Во Албанија пак, во последнава недела во просек се потврдуваат по над 800 нови случаи на ковид-19, а по 20 смртни случаи дневно. Премиерот Еди Рама најави дека наскоро очекува да почен масовната имунизација со цел да се намали бројот на новозаболени, а со тоа и да се растеретат болничките капацитети.