Што предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за заштита од заразни болести за кои денеска ќе се расправа во парламентот: Пациенти кои се позитивни на коронавирусот ќе може да се третираат во приватни здравствени установи само под посебни услови
Пациентите кои се позитивни на ковид-19 ќе се лекуваат само во јавните здравствени установи. Приватните болници ќе може да се вклучат во третманот на болните само ако се исцрпат капацитетите на државните установи и исклучиво со согласност на Министерството за здравство.
Ова е една од клучните измени во Законот за заштита на населението од заразни болести, кои ќе ги разгледува денеска собраниската Комисија за здравство, по што тие ќе се најдат и на пленарна седница. Иако при презентирањето на законските измени акцентот беше ставен на зголемувањето на овластувањата на инспекциските служби, во насока на санкционирање на прекршителите на протоколите за заштита од ковид-19, со првата точка од новото законско решение, практично, приватното здравство се исклучува од третманот на заразените со новиот вирус, со одредени исклучоци предвидени со дополнувањата на Законот.
Во членот 28 од Законот за заштита од заразни болести се додаваат три нови става кои предвидуваат дека:
- Лицата заболени од коронавирус задолжително се лекуваат во јавни здравствени установи;
- По исклучок, лицата заболени од ковид-19, по медицински индикации, се лекуваат и се изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, доколку за тоа постојат услови;
- Доколку во јавните здравствени установи се исполнети капацитетите за лекување на лицата заболени од коронавирус
- Доколку кај лицата примени во приватната здравствена установа во текот на укажувањето на здравствените услуги за дијагностицирање, лекување, третман, нега и рехабилитација во установата е утврдено присуство на причинителот Sars-Cov-2;
- Како и во други случаи (недостиг на здравствени работници, здравствени соработници и други вработени лица во јавната здравствена установа и слично);
- По претходно дадена согласност од страна на Министерството за здравство, лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаа дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија.
Наспроти новото решение во предлог-измените на Законот за заштита од заразни болести, во јуни годинава, техничката влада на Оливер Спасовски донесе уредба со законска сила со која им беше овозможено и на приватните болници да лекуваат пациенти со ковид-19. Можноста се однесуваше на ситуации кога кај пациенти кои се третирани во приватни установи, во текот на лекувањето, ќе се дијагностицира и присуство на коронавирус. Таква можност повторно е предвидена и со дополнувањата на Законот за заштита од заразни болести.
Другите измени и дополнувања, кои ги подготви Владата преку Министерството за здравство, главно се однесуваат на работата на инспекциските служби, кои добиваат зголемени надлежности. Исто така, се предвидуваат повисоки казни за физички и правни лица за прекршување на протоколите за заштита од ковид-19. Казните за претпријатијата се димензионирани според големината на правниот субјект, односно дали станува збор за микро, мали, средни или големи компании:
- Инспекциските служби, при вршење на инспекцискиот надзор, може да изречат привремена забрана за вршење на дејноста во траење од 10 до 30 дена;
- За изрекување привремената забрана за вршење на дејност, инспекторот донесува усно решение и во рок од три дена ќе донесе и писмено решение;
- Инспекторите поставуваат лента на видно место со следниов текст: „Привремена забрана за вршење на дејноста“, заверена со печат на инспекциската служба што ја изрекла привремената забрана, потпис на инспекторот кој ја поставил и дата на поставување;
- Против решението на инспекторот, може да се поднесе жалба до надлежниот орган за одлучување во втор степен во рок од осум дена од денот на приемот на решението;
- Жалбата не го одложува извршувањето на решението.
Според најавите, во текот на собраниската процедура, амандмански ќе се интервенира во првичниот предлог за измена на Законот за заштита од заразни болести. Во новото законско решение треба да се внесат и другите мерки за заштита од ковид-19 што ги најави Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести, како што се носење маска и на отворено и забрани за групирања на јавен простор и собирања во домовите на граѓаните.