Алармантно е како на околу 500 нови случаи има 22 починати во еден ден, а во Србија, на пример, на околу 700 позитивни случаи има тројца починати. Тоа покажува дека нешто не е во ред со системот, вели за „360 степени“ претседателот на собраниската Комисија за здравство и поранешен директор на Центарот за јавно здравје-Скопје
Посебно е загрижувачка состојбата со смртноста во земјава од ковид-19. Треба да се утврди што е причината за тоа. Дали е во прашање само задоцнето јавување на лекар или и недоволните капацитети на болниците, исцрпеноста на здравствените работници и неподготвеноста на здравствениот систем во целина, вели пратеникот на ДУИ, Арбен Зибери, кој претходно беше директор на Центарот за јавно здравје-Скопје.
Зибери сега е претседател на собраниската Комисија за здравство, која, како што најавува тој, денеска или утре ќе ги разгледа измените во Законот за заштита на населението од заразни болести, кои се на дневен ред на собраниската седница што почнува денеска.
Зибери вели дека ќе ја закаже комисиската седница веднаш откако Собранието ќе ја одобри потребата Законот да се носи по скратена постапка.
Владата, пред неколку седмици, достави до парламентот измени во Законот за заштита од заразни болести со кои се зголемуваат надлежностите за постапување на инспекциските служби за време на епидемијата. Се очекува пратениците амандмански да интервенираат во предлог-измените, така што законското решение ќе се дополни и со мерките што подоцна ги предложи Владата – за носење маска на отворено и за забрани за групирање на јавен простор и за собирање во домовите.
Зибери вели дека не е спорно и овие мерки да се додадат во Законот за заштита од заразни болести, посочувајќи дека во тој дел земјата, главно, се придржува кон препораките на СЗО во однос на превенцијата од ширење на ковид-19.
„Ние се водиме по препораките на СЗО. Мерките за носење маска и на отворено и за спречување поголеми собири и групирања веќе ја имплементираа повеќе европски земји. Меѓутоа, она што загрижува во земјава е високиот процент на смртност. Алармантно е како на околу 500 нови случаи на ковид-19 има 22 починати во еден ден, а во Србија, на пример, на околу 700 позитивни случаи има тројца починати. Тоа покажува дека нешто не е во ред со системот. Дека во изминатиот период, наместо да се води политика во однос на епидемијата, требаше да се подготвуваат капацитетите на здравствениот систем за есенскиот бран“,
вели Зибери во изјава за „360 степени“.
- Најцрниот ден од почетокот на пандемијата: 22 лица починаа изминатото деноноќие, 561 се новозаразени
- Ковид-19: 15 починати, а од „само“ 737 тестирани секој трет е заразен
Тој посочува дека поминал 10 дена на Клиниката за инфективни болести откако и самиот беше заразен со ковид-19, кон крајот на летото, кога бројките на заразени беа значително пониски од сегашниве.
„И тогаш да се правеа повеќе тестирања, бројките ќе беа повисоки. Сепак, евидентно е дека сега се зголемува позначително процентот на заразени во однос на направените тестови. Затоа уште тогаш требаше да се мисли како да се избегне преоптовареност на здравствениот систем кога ќе дојде есенскиот бран. Јас тие 10 дена на Инфективната клиника видов дека медицинскиот персонал е преморен по неколкумесечната битка со епидемијата, дека има доволно капацитети, ама дека нема доволно здравствени работници, затоа што не се искористени сите потенцијали, така што голем дел од товарот падна и на матичните лекари“,
оценува Зибери.